За Велигденските празници во родниот град Велес престојуваше Љупчо Босилков – Чаушот, познат како македонскиот Елвис Присли. Тој имаше и неколку настапи, пред сограѓаните кои ги потсети на неговиот незаборавен глас. Три децении ги забавува Германците и Австријците по тамошните клубови со настапи и песни од светската музичка икона.
Освен Присли, Босилков ги пее песните и на Том Џонс, а секое лето ги забавува бројните гости на Канарските и Балеарските Острови.
„Моето музичко шоу на сцената трае неколку часа. Опфаќа еден час песни на Елвис Присли, еден час Том Џонс, па кантри музика од Кени Роџерс, Џони Кеш, Алан Џексон. Се пресоблекувам за секој дел посебно. Имам шоу со песни од Присли, па пола саат гостите се сликаат со мене, дури ред се чека да се фотографираат. Па следи Том Џонс и пак песни и сликање. Гостите се пред сѐ Скандинавци, Англичани, тие доаѓаат во овој планински дел на Австрија и Германија каде настапувам во елитни локали. Тоа се скијачки монденски одмаралишта. Песните на Присли, на Том Џонс уште се актуелни, атрактивни. Пеам и од Роби Вилијамс, сѐ по потреба, знам 500 песни секој момент напамет. Од Битлси ги бараат најголемите хитови, а јас сум од тоа време“, вели Босилков.
И додека зимно време ги забавува гостите во снежните одмаралишта, седум месеци е на море и тоа во Шпанија.
„Која мајка си го загубила синот во Европа ќе го најде лете или на Канарите или на Балеарите. Во Мајорка и Тенерифе пеам и настапувам исто така со мое шоу. Уште се палат на старите хитови, но за помладите пеам и поново. Ама, таму е важна забавата“, вели Чаушот.
Тој живее во австриски Куфштајн. Гратчето го дели реката Ин меѓу Германија и Австрија, близу е Минхен и Инсбрук. Вели дека во животот има многу настани и моменти кои не може да ги заборави, да не ги спомене, а се вредни да останат забележани. На многу познати имиња од спортот, филмот, музиката им свирел, ги забавувал.
„За паметење е кога на мој концерт дојде Род Стујарт. Бил во Германија и дојде во клубот каде настапував. Му се допадна како пеам, дојдов на неговата маса, тој пиеше виски, јас го понудив со македонска ж`та. Тој ја проба му се бендиса и цела вечер ме слушаше мене и пиеше ракија. Беше урнебес. Во 1974, кога Југославија се пласираше на СП во Германија во фудбал, во клубот дојдоа Миљаниќ и Бразилецот Загало. Бидејќи Милан е по потекло од Битола, му ја запеав Битола мој роден крај и толку требаше за да биде вечер за незаборав. А колку германски и австриски филмски глумци биле на мои настапи, да не зборувам#, додава Љупчо.
Во родниот Велес доаѓа само како гостин, повремено да се види со блиските, пријателите. Иако со децении е надвор од градот, велешани го препознаваат.
„Колку свадби имам свирено, како ќе ме заборават“, вели тој.
Свирел со повеќе велешки групи, почнувајќи од Рубико, преку Кактус, Астор. Свирел и тезги по Јадранот, на Корчула, Оребиќ, Шибеник. Дел од кариерата во Германија ја минал со Трајче Органџиев. Додека студирал цимер му бил Григор Копров. Како млад настапувал со Љупка Димитровска, Зафир Хаџиманов, Диме Поповски, Зоран Милосављевиќ, со кого снимил емисија и за ЈРТ. Босилков завршил основно музичко училиште во Велес отсек виолина. Свирел бас гитара и бил главен вокал во групите каде настапувал. Учествувал во Сараево на фестивал на млади во 1969 каде освоил трето место, настапил со песната „Мала куќа“, аранжман на Александар Џамбазов, а следната година на фестивалот Грбавица учествувал на фестивал за млади таленти.
„Завршив факултет за туризам и угостителство, а секунда немам во струката работено, само музика, музика, тоа е мојот живот. Музиката е сѐ за мене, тоа е мисла која постојано ме води напред. Само немам свој личен хит. Ако останев овдека може ќе станев популарен. Во тоа време пред да заминам бевме млади, гледавме од постарите колку се популарни музичарите. Кога се врати Божо Нојот од Германија, со долги големи коли, со пари, а ние на 19 години. Викам, и јас одам таму, фраер да бидам. И така започна мојата музичка кариера, така и заврши. Сѐ беше музика“, вели Чаушот.
П. ПЕЧКОВ