ВЕЖБА ЗА ПОПЛАВА ВО КАВАДАРЕЧКО ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ РЕАКЦИЈАТА НА ОПШТИНИТЕ ПРИ КАТАСТРОФИ

    ВЕЖБА ЗА ПОПЛАВА ВО КАВАДАРЕЧКО ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ РЕАКЦИЈАТА НА ОПШТИНИТЕ ПРИ КАТАСТРОФИПреку вежбите се откриваат и скриените недостатоци на системот и се изнаоѓаат начини за нивно надминување. - Од катастрофалната поплава во Стајковци во 2016 (Фото: СДК.МК)

    Институтот за демократија во соработка со Општина Кавадарци спроведе симулациска вежба за опасност од поплави. Притоа беше симулирана поплава по обилни врнежи, проследени со невреме, зголемен водостој на Црна Река и Луда Мара и контролирано испуштање/неконтролирано прелевање на водите од Тиквешко Езеро и Моклишко Езеро-Градот, како и топење на снегот на планините од нивното сливно подрачје.

    Сценариото за вежбата опфати период од седум дена пред и за време на обилните врнежи и топењето на снегот, до триесет дена по прекинот на врнежите и намалувањето на водостоите во речните корита и акумулациските езера.

    Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, кажа дека преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините“ се развиваат стратешки и акциски планови и процедури кои ќе им помогнат на општините да превенираат и да бидат подготвени кога ќе се случат несреќи, за да се намали штетата за општината, државата и граѓаните.

    „Симулациите на мерки од плановите за справување со различни катастрофи се многу важни зашто тие не се само вежбање на процедурите што сме ги усвоиле, туку и процеси на учење и подобрување“, рече Трошановски.

    Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, потенцираше дека целта на симулациската вежба е практично да ги утврди поставеноста, начините на одлучување, нивото на координација, нивото на материјалните капацитети и практичните предизвици на општината при управување со ризици од несреќи и катастрофи.

    Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, смета дека ваквите вежби помагаат да се идентификуваат силните страни и предизвиците со кои може да се соочиме, но и помагаат да научиме како можеме да го подобриме нашиот одговор на кризи на индивидуално и колективно ниво.

    „Ефективната координација помеѓу националните и локалните власти е од клучно значење за овој процес. Локалните отпорност и подготвеност се клучни за заштита на луѓето кога се случуваат кризи, но исто така се важни за идниот развој и одржување на животната заедница“, вели Галовеј.

    Вежбата придонесе да се откријат и скриените недостатоци на системот и да се изнајдат начини како тие да се надминат. Со вежбата се утврди дека можностите на штабот да дискутира и да бара решенија се ограничени, постои различно ниво на познавање на тематиката и недостасуваат обуки.

    Симулациската вежба „Кавадарци – Поплава 2022“ се спроведе како дел од проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, кој е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје, а е имплементиран од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира