Паркирањето е еден од најголемите проблеми во градовите низ целиот свет. Жителите на Лос Анџелес губат повеќе од 80 часа годишно само барајќи слободен простор, а не е подобро и во големите европски градови.
И покрај гужвите на улиците, Виена одлучи да тргне по сосема поинаков пат: наместо да гради нови паркинг места, ги отстранува сè повеќе. Целта е да се скршат бетонските површини не само за да се направи градот посвеж во лето, туку и да се охрабрат жителите да користат други форми на транспорт, објави „Дојче веле“.
Градот спроведува повеќе од 350 проекти за претворање на асфалтот во зелени и јавни површини. Се отстрануваат многу паркинг места, дури и на централниот плоштад Нојер Маркт. Некогаш преполн со автомобили, денес тој плоштад е пешачка зона, со дрвја и клупи за жителите и посетителите.
Една од главните сообраќајници во градот е претворена во велосипедска улица. Таму беа отстранети 140 паркинг места за да се направи место за 1,3 километри велосипедски патеки и зелени површини. Ваквите сеопфатни процедури отворија место за таканаречените маалски оази, проекти каде што групи граѓани можат да побараат од градскиот округ да претвори одреден паркинг во простор за заеднички градини, надворешни трпезарии или детски игралишта.
Друга важна промена е што во Виена повеќе нема бесплатен паркинг. Во 2022 беше воведен уникатен систем на наплата на градскиот паркинг, а новодојденците во градот можат да го остават својот автомобил максимум два часа.
Сите овие промени уште повеќе го отежнаа наоѓањето паркинг во центарот на Виена, но градот воспостави неколку паркинзи од типот „Park and ride“, со поволен целодневен паркинг во непосредна близина на станиците за јавен превоз, кој во Виена е брз, сигурен и достапен.
„Мора да ги натераме луѓето да ги прифатат овие промени. Мора да ги прашаме: Како сакате да изгледа вашата населба? Дали сакате да биде полна со автомобили и без дрвја или сакате нешто друго?“, вели Ина Хоумјер од Кабинетот за урбанистичко планирање.
Проширувањето на зоните за платен паркинг носи 180 милиони евра годишно, а тие пари директно се инвестираат во велосипедска инфраструктура и во поттикнување алтернативни начини на движење. „Зелениот“ урбан пристап на Виена придонесе жителите да користат автомобили 37 проценти помалку отколку во 1990-тите.




