Синовите на принцезата Дијана, принцовите Вилијам и Хари денес во чест на нејзиниот 60. роденден го претставија меморијалниот споменик во палатата Кенсингтон. Скулптурата на принцезата од Велс, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997, беше изработена по нарачка на нејзините синови.
На свечената, интимна церемонија во градините на палатата каде 16 години живеела Дијана и важеле за нејзино омилено место, присуствуваа и нејзините две сестри и брат.
„Денес, на 60. роденден на нашата мајка, се потсетуваме на нејзините љубов, сила и карактер, особини кои ја водеа да чини добри дела низ светот, менувајќи голем број животи на подобро. Секој ден, ние посакуваме таа да беше сѐ уште со нас. Се надеваме дека оваа статуа ќе остане забележана како симбол на нејзиниот живот и значење“, стои во заедничката изјава на Вилијам и Хари.
Споменикот е дело на Ијан Ранк-Бродли, кој е автор на портретот на кралицата Елизабета Втора од британските монети.