ВИНСКИОТ ТУРИЗАМ СЀ ПОАТРАКТИВЕН, ВИНАРИЈАТА „ЛАЗАР“ СО ЕУ ПОДДРШКА ОТВОРИ И СМЕСТУВАЧКИ КАПАЦИТЕТИ

    ВИНСКИОТ ТУРИЗАМ СЀ ПОАТРАКТИВЕН, ВИНАРИЈАТА „ЛАЗАР“ СО ЕУ ПОДДРШКА ОТВОРИ И СМЕСТУВАЧКИ КАПАЦИТЕТИПроектот чија цел е земјава да се најде на мапата на европскиот вински туризам опфаќа реконструкција и опремување на апартмани,кујна, ресторан и летна тераса. (Фото: Лазар)

    Со пари од Европската унија во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, винаријата „Лазар“ отвори сместувачки капацитети во близина на археолошкиот локалитет Стоби, каде што е производството на вино. Во реализацијата на овој проект заподобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој се вложени 201.101 евро, од кои 100.473 евра од Европската Унија и Владата, а 100.628 евра се средства инвестирани од страна на сопствениците на винаријата.

    Проектот чија цел е земјава да се најде на мапата на европскиот вински туризам опфаќа реконструкција и опремување на 6 апартмани, реконструкција на кујна, ресторан и летна тераса, набавка на опрема за кујна и ресторан со капацитет за опслужување на 50 посетители, реконструкција на продавница за вино, традиционална храна и сувенири, партерно и хортикултурно уредување во околината и поставување на патокази лоцирани на клучката на влез и излез од автопатот „Пријателство“. Со тоа сега престојот во винаријата „Лазар“ може да опфати дегустација на нивните вина преку винска едукација, искомбинирано со сместување во истиот објект.

    Од винаријата велат дека инвестициите во овој проект придонесоа не само да се подобри пазарната позиција на оваа винарија, туку и да се збогати туристичката понуда во Тиквешкиот регион.

    „Општ светски тренд е винариите да овозможат љубителите на вино да можат да ги дегустираат вината на местото каде што се создаваат. Во време на глобализација и доминација на големи системи и индустриски производители, навистина е тешко малите артисан производители да имаат можност да допрат до пазарот. А кога на тоа ќе се додаде општата конфузија со ковид, нашата инвестиција во вински туризам беше вистински погодок. Без лажна скромност, можеби и спасоносна за нашата винарија, поради тоа што нашата продажба беше 90% во хорека-синџирот, односно во ресторани и хотели. Ограничувањата во време на ковид значеа и енормно намалување на нашата продажба. Со отворањето на ресторанот и хотелот искрено сметам дека беше нашиот спас од банкрот. А од друга страна овозможивме огромен број на консументи на вино да нè пробаат на лице-место и да станат наши верни клиенти. Имиџот и квалитетот на нашата компанија се подигнаа и се проширија и тоа овозможи одлична континуирана продажба и по ковид-периодот. Сега веќе размислуваме за проширување на нашата туристичка понуда, како и за зголемување на производството на вино“, вели Лазар Ристов, менаџер и сопственик на винаријата „Лазар“.

    Од винаријата велат дека инвестициите во овој проект придонесоа не само да се подобри пазарната позиција на оваа винарија, туку и да се збогати туристичката понуда во Тиквешкиот регион кој е познат вински регион, за кој во последно време има значително зголемување на интересот на странските, но и на домашните туристи.  А тоа на крај, секако, води кон зголемување на потенцијалот за локален економски развој. Инвестиции од ваков вид директно влијаат и на зголемувањето на винската култура и поставување на земјава  на мапата на вински туризам.

    Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира