Виолета Томовска ја стана целата публика на нозе на концертот на Дац и Александар вчера во Македонскиот народен театар. Легендарната пејачка, која на 28 март ќе наполни 81 година, беспрекорно го испеа нејзиниот голем хит „Молитва“.
„За ова не треба посебна најава“, рече актерот Драган Спасов-Дац пред да излезе Томовска на сцената.
Таа го следеше концертот од ложата заедно со нејзината ќерка Невенка. Гостинка беше и Росана Сариќ-Тодоровска, која беше во ложата со колешката и со нејзиниот сопруг, актерот Ѓорѓи Тодоровски-Трупче. Целата публика со неа го испеа евергринот „Признавам“, кој дуото Маријана и Росана го испеаја на Макфест во 1988. Росана Сариќ беше гостинка лани на 40-годишниот јубилеј на Макфест во Штип и ни рече дека со тешко срце снимила нова верзија на песната без нејзината сестра, која живеее во Австралија, но претходно добила благослов од неа.

Росана Сариќ го испеа евергриниот „Признавам“ кој го сними со сестра ѝ Маријана во 1988 (Фото: К. Попов)
Продуцентот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац на крајот на 2024, по повеќе од десет години, ја вратија фолк-легендата Виолета Томовска на сцената. Томовска сними преработка на нејзината песна „Заиграј со мене“, која оригинално ја сними во 1990 со хармоникашот Милан Завков, кој е автор на музиката. Завков ненадејно почина на 7 февруари 2023 на 61 година. Новата верзија Томовска ја испеа со дуото Дац и Александар. Митевски е автор на новиот аранжман на песната.
„Не можам точно да се сетам кога последно снимив песна и иако сум добила неколку понуди, сум ги одбила. Оваа не можев. Кога влегов во студио, бев загрижена во кој тоналитет Александар ја направил новата верзија. Ми рече да не се грижам и беше во право. Ја снимивме песната од прва, без враќање“, ни рече Томовска тогаш.
Како изненадување за 80. роденден на Виолета Томовска, нејзиното семејство сними нова верзија на песната „Молитва“, која ја пеат и свират сите музичари од нејзиното пошироко семејство. Ќерката на Томовска, Невенка Росоманова, рече дека ова за нив бил многу емотивен момент, ја снимиле песната за три часа, а сите роднини кои живеат во Белград, Загреб и Чикаго веднаш прифатиле да учествуваат и им испратиле снимки.

Продуценот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац на крајот на 2024, по повеќе од десет години, ја вратија фолк-легендата на сцената. (Фото: К. Попов)
„Ова го направивме тајно со сестра ми Маја и со сите наши роднини. За роденденот на мајка ми се собравме семејно на вечера, иако претходно планиравме да поканиме поширок круг на пријатели и таму ѝ ја пуштивме песната. Многу се возбуди и се расплака“, рече Росоманова.
Дац и Александар распродадоа два концерта во Македонскиот народен театар по повод 8 Март, насловени „Дамите бираат“. Забавата со дуото почна во лобито на театарот, продолжи на концертот и заврши во лобито, а траеше повеќе од четири часа.
М. ЏАРОВСКА



