Внукот на пејачот Душан Љубисављевиќ-Дуле го испеа хитот „Виолина и гитара“ заедно со виолинистот Никола Јанков-Коки на емотивниот концерт во Скопје вчера (14 ноември).
Коки ја разигра и ја расплака публиката во Филхармонијата, на концертот по повод 30 години од хитот „Виолина и гитара“, со кој Дуле и Коки победија на Макфест во 1996. Оттогаш, штипското дуо стана популарно низ Македонија, а нивните настапи секогаш беа полни. Коки на достоинствен начин му оддаде почит на Дуле, неговиот другар од основно училиште, кој почина на 23 септември 2013. На крајот од концертот, го повика неговиот внук Раде да ја отсвири гитарата која 13 години недостасува во големиот хит од Валентино Скендеровски и Александар Митевски. Штипскиот пејач Зоран Илиев, кој беше еден од гостите, излезе на сцената и му го даде микрофонот на младиот музичар. Валентино Скендеровски, кој беше на концертот, се поклони пред публиката откако Коки му се заблагодари за оваа песна.

„Песна за Дуле и Коки“ е единствената македонска песна снимена на мобилен телефон, рече Игор Џамбазов (Фото: К. Попов)
„Имам многу трема и се мислев цело време каква ќе биде оваа вечер. Во салава, точно знам кој е и каде е. Кога требаше сам да продолжам да свирам за да живеат песните на Дуле и Коки, на сите свирки, секој си има некоја своја песна. И имам по 58 нарачки: ‘Ајде онаа мојата’. И точно знам која е чија песна“, рече Коки низ насмевка.
Игор Џамбазов, кој беше еден од гостите, Коки го најави на интересен начин.
„Сите ние го каниме насекаде да доаѓа, а тој не одбива. Еден е, и пред него стојам мирно“, рече Јанков.
„Ова ме врати триесет години наназад, кога со Коки имавме 30 килограми помалку и имавме 30 пати поголема волја за живот. Дуле и Коки беа посебна, единствена појава на македонската естрада, во тие златни години. Вечерва ќе отпееме една песна што јас ја напишав за нив двајца, и е првата и веројатно последна македонска песна која е снимена на мобилен телефон, а потоа се најде на нивниот албум“, рече Џамбазов. Тој ја испеа „Песна за Дуле и Коки“. На едно гостување на дуото во емисија која ја водеше Џамбазов, тој ја испеал песната пред да ги најави, а Дуле ја снимил на неговиот мобилен телефон, па оригиналната телефонска снимка се најде на албум.
Бојана Скендеровски исто така беше дел од гостите и ја испеа „Не ми е денот“, една од најубавите балади на Дуле и Коки.
„Двајцата се тесно поврзани со моите почетоци. Кога победив на Макфест во 2003, Дуле и Коки го освоија второто место со оваа песна. Знаете кој прв ми честиташе на победата? Дуле и Коки. Оттогаш сме другари“, рече поп-пејачката.
Пред да го најави Ристо Самарџиев, Коки се потсети на песната „За милион години“, со која дуото заедно со Самарџиев победи на Макфест во 2009. Првично, Дуле не сакал да настапи таа година на фестивалот, но прифатил кога ја слушнал песната на Самарџиев во која се споменуваат сите ѕвезди на Макфест низ годините.
„Многу недостасува Дуле. Ќе ја пееме оваа песна за него и за сите вас“, рече Самарџиев. Гостинка беше и младата пејачка Јована Богданоска од Велес.
Пејачот од Штип, Зоран Илиев, ја разигра целата сала со песната „Дај ми шанса“, со која Дуле и Коки на Скопскиот фестивал во 1998 го освоија третото место.
„Требаше таа година да одиме на Евровизија, ама завршивме трети“, се потсети Коки.
За големиот хит „Колку треба да се плати“, побара помош од публиката, која на нозе ја испеа песната од почеток до крај.
„Оваа песна е на Григор Копров и Огнен Неделковски. Ај да те видам, направи таква песна“, рече Јанков и го поздрави текстописецот Неделковски во публиката.
Слична слика беше и на „Марама“, „Мене место не ме фаќа“, „Залудно е да се напијам“, „Еј калдрмо“. Дел од публиката се расплака на песните со кои пораснале.
Јанков на бис ја испеа „Марама“, но и неколку македонски народни песни, а дел од репертоарот беа и песни од неговата група „Тајфата“.
„Не може никој да напише вакви песни како Венко Серафимов, најдобриот композитор и поет“, рече Коки и го поздрави неговиот близок пријател и соработник во публиката.
При крајот од концертот, кој долго ќе се памети, Јанков ја поздрави неговата ќерка Лара и рече дека и пред неа стои мирно. Неговото семејство и семејството на Дуле беа тука да го поддржат во, како што рече, тешката задача, која благодарение на публиката, на крајот излезе лесна.
М. ЏАРОВСКА






