ВО БИТОЛА ИЗЛОЖЕН ГРАМОФОНОТ НА БРАЌАТА МАНАКИ ШТО ГО ДОБИЛЕ СОБИРАЈЌИ АЛБУМ СО СЛИКИЧКИ ОД ЧОКОЛАДАТА НА „НЕСТЛЕ“

    ВО БИТОЛА ИЗЛОЖЕН ГРАМОФОНОТ НА БРАЌАТА МАНАКИ ШТО ГО ДОБИЛЕ СОБИРАЈЌИ АЛБУМ СО СЛИКИЧКИ ОД ЧОКОЛАДАТА НА „НЕСТЛЕ“Грамофонот е стар 93 години, а бил освоен на наградна игра во 1928 (Фото: СДК.МК)

    Еден од раритетните предмети од збирката на браќата Манаки зачуван во Државниот архив во Битола, грамофонот што првите сниматели на Балканот го користеле кога оделе на пикник, деновиве беше изложен во рамките на Локум фест во Битола. Стар е 93 години, а вработените во Архивот успеаја да ја дознаат приказната за тоа како Милтон го добил овој акустичен грамофон, кој не работи на струја, туку се ракува рачно.

    Реклама за наградната игра на „Нестле“ во весникот „Политика“ (Фото: СДК.МК)

    „Тој бил добиен на наградна игра со собирање сликички од чоколадата на ‘Нестле’. Се пополнувал албум кој потоа се испраќал до ‘Нестле’ и една од наградите била грамофон. Тоа е потврдено со рекламите објавени во дневниот весник ‘Политика’. Грамофонот е добиен во 1928 година, произведен е од швајцарската фирма ‘Торенс’ за ‘Нестле’. На него пишува ‘offert par Nestle’, значи ‘Нестле’ се јавува како дистрибутер. Се работи за грамофон со мали димензии, го користеле за пикници. Звукот не е многу јак, туку повеќе за акустика“, вели Димитар Ѓоргиевски, помлад соработник за средување и обработка во Архивот во Битола.

    Објавен е и дописот од 16 август 1928 година од „Нестле“ до Манаки, сопственик на кино во Битола. Во писмото пишува дека му го пратиле грамофонот, а тој уште не го добил поради што поднеле тужба до управникот на Белградската пошта, со барање да се пронајдат грамофонот и виновниците.

    Грамофонот на Милтон беше дел од изложбата на фотографии и предмети од конзулскиот период на Битола, изложени на 15. издание на Локум фест, фестивал кој ја негува конзулската традиција со локум и кафе да се пречека комшијата, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултуикултурност и средба помеѓу културите. Всушност, една од главните функции на фестивалот е преку различните музички форми да се покажат сиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола. Локум фест прославува 15, а Државниот архив 70 години под мотото „Чувар на минатото, светилник на иднината“.

    Грамофонот на Манаки беше изложен во рамките на 15. издание на Локум фест (Фото: СДК.МК)

    „Дојдовме на идеја со извршниот директор на Локум фест, Тоше Ивановски, да се презентира еден мал дел од богатата ризница документи и предмети што ги имаме во депото. Станува збор за тематска изложба, во фокусот ни е фондот на браќа Манаки, односно фотографии и грамофонот на Милтон, како и дел од фондот на КУД ‘Стив Наумов’, поврзани со неговото гостување во Велика Британија. Од збирката грамофонски плочи изложени се дела на чалгиски оркестри. Изложените фотографии се од конзулскиот период, меѓу двете свети војни, фотографирани на култни места во Битола и во нив доминира боемскиот дух на тогашните битолачани. Се гледаат хотелите ‘Ројал’ и ‘Босна’, градски кафеани, Широк Сокак, старата чаршија и една весела и распеана Битола“, рече директорот на Државниот архив од Битола, Гоце Стојановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира