ВО БИТОЛА СЕ ИГРАЛО ШАХ СО ЖИВИ ФИГУРИ ПРЕД 90 ГОДИНИ

    ВО БИТОЛА СЕ ИГРАЛО ШАХ СО ЖИВИ ФИГУРИ ПРЕД 90 ГОДИНИБраќата Манаки ја фотографирале партијата шах со живи фигури што во 1924 година се одржала на терен обележан како шаховска табла пред Црвената касарна, која била разрушена од бомбардирањето во Првата светска војна

    Шах со живи фигури бил игран во Битола пред 90 години. Овој необичен карневалски настан низ фото објективот го овековечиле браќата Манаки. На оригиналната фотографија снимена во 1924 година се гледа дека натпреварот се одржал на терен обележан како шаховска табла. На просторот имало живи луѓе облечени во костими како шаховски фигури – крал, кралица, топови, коњи, пиони. Околу многубројна публика.

    „Пред Црвената касарна која била разрушена од бомбардирањето во Првата светска војна, двајца жители на Битола, едниот Чех и професор во гимназијата, Адолф Бартипан, и извесен српски офицер Чопи, играат шах со живи фигури. Луѓето како коњи и пиони биле на шаховското поле. Овие двајца пак, седеле во ложа и се мезеле, пиеле ракија и кажувале по кои полиња да се движат. Ова е една луда фотографија која го покажува уште полудото време тогаш“, вели професорот по фотографија и истражувач на делото на Манаки, Роберт Јанкуловски.

    Ова е една луда фотографија која го покажува уште полудото време тогаш, вели професорот по фотографија и истражувач на делото на Манаки, Роберт Јанкуловски (Фото: СДК.МК)

    Од настанот браќата Манаки оставиле серија од десетина стаклени плочи, кои служеле како материјал за сликање пред да се појават фото филмовите. Тие се зачувани во Историскиот архив во Битола.

    Дури и реквизитите кои се користеле за фотографии во тоа време биле необични и несекојдневни ако се споредат со овие денес. Зачувани се фотографии на кои ранети војници позирале со часовници, кои тогаш биле во мода, од граната била направена вазна во ателјето на Манаки крај која фотографирале, а браќата трудејќи се да го опремат студито со реквизити, за малку ќе настрадале.

    „Во 1915 година кога се повлекувале српските војски Милтон нашол некаде пушки и ги донел во студиото, ако сака некој да се фотографира со пушка да има реквизит. Кога дошла бугарската војска при претрес го нашла оружјето, па Јанаки бил интерниран три години во Пловдив. Кога се враќал во 1919 година, од љубов кон фотографијата, со себе и покрај нивната тежина донесол стотина стаклени плочи со фотографии што таму ги сликал“, додава Јанкуловски.

    Денес од опусот на Милтон и Јанаки Манаки зачувани се 7.600 стаклени плочи негативи и околу 11.000 фотографии. Дел од нив се дигитализирани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира