Резултатите и сознанијата од проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019“ покажаа дека на територијата на Дебарца на овој дел постоел средновековниот град Дебрец по кој македонските археолози долго време трагале.
Раководителот на истражувачкиот тим, професорот Виктор Лилчиќ Адамсен, е цврсто убеден дека со овие истражувања на Требенишкото кале се насетува името на средновековниот град Дебрец.
„Оваа општина под водство на градоначалникот, покажа навистина една зрелост, еден огромен интерес со реализацијата на овие две фази ги опфативме цивилизациските локалитети, 10 локалитети во 2018 година во Дебрца, северо-источниот дел од Десаретија, така што оваа 2019 година се сконцентриравме на најглавниот, сфативме дека Требенишкото кале претставувало град, очекувавме да откриеме рана антика, меѓутоа оваа година неочекувано откривме еден поголем временски континуитет на локалитетот, каде живеела една силна, јака, компактна човечка заедница. Со овие наоди, засега јас сум цврсто убеден дека го насетуваме името на средновековниот град, а тоа би бил градот Дебрец. Тоа е град по кој нашите колеги долги години трагаа. Тоа е едно огромно изненадување. Ние се надеваме дека ќе успееме во наредните години да го отвориме црковниот храм и да го прошириме истражувањето можеби и на некрополата, да собереме уште повеќе податоци за да ја потврдиме оваа хипотеза што денес ја лансираме. Дебрца лежи врз древна цивилизација, тоа е нешто што мораме да го откриеме и заштитиме и да го потпреме развојот на оваа општина, тие предмети да бидат депонирани во еден локален музеј, каде би се вработиле луѓе од тука, на крајот важен е профитот од тоа и општината да заработува“, смета изјави проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен на промоцијата на проектот.
Д. ЧУБРИЌ