„Не си гевгеличанец ако немиш точак за на работа, пазар или кафич“, вака велат жителите на Гевгелија кои се лидери во користење велосипед како превозно средство,не само во југоистокот, туку и во цела Македонија.
Се претпоставува дека повеќе од 3.000 гевгеличани секојдневно возат велосипед за каква било намена, иако немаат обележани велосипедски патеки низ градот. Сликата е впечатлива во раните утрински часови или пак попладне кога работниците одат и се враќат од работа, што од текстилните фабрики, што од казината.
„ Тоа е традиција кај нас. Нема семејство, а да нема минимум два до три велосипеди, и за децата и за возрасните. Овде и стари и млади возат велосипед. Едни го користат за да одат на школо, факултети, други за на работа, трети за извршување на секојдневни обврски, да пазарува, да плати сметки. Сите возат велосипед оти Гевгелија е рамна како тепсија“, вели Никола Опров кој работи во казиното „Фламинго“ на македонско-грчката граница и секојдневно, и лете и зиме, на работа оди со велоиспед, оти смета дека е поевтино, поздраво и поефикасно отколку да оди со автомобил.
Гевгеличани тврдат дека не е важно што модел е велосипедот, туку истиот да е функционален. Тоа го потврдува и Тошко Дудев, сервисер и продавач на велосипеди. Кај него се носат сите модели на велосипеди на сервис, иако во последно време младите повеќе користат спортски модели за планински велосипедизам.
„ Ме радува фактот што сме народ кој го сака велосипедот. Кај мене доаѓаат од сите генерации, па дури и пензионери кои возат велосипеди стари и по половина век, како што ги викаме ние ‘партизановци’. Едноставно не сакаат да ги фрлат или заменат, навикнати се и приврзани за нив, па доаѓаат да ги поправат. Жените пак, обично сакаат велосипед со корпа за да може да пазаруваат, додека помладите нешто полуксузни и поспортски велосипеди кои ги користат за возење по планини, оти Кожув изобилува со патеки за планински велосипедизам“, ни изјави Ташко Дудев. Тој вели оти е штета што во Гевгелија на толку велосипедисти нема ниту еден велосипедски клуб , за што најави иницијатива во догледно време.
За разлика од Гевгелија, Струмица има и велосипедски клуб и обележани патеки па дури и локации за паркинзи, но ретко кој вози велосипед до работа или до пазар, иако добар дел е рамничарски. Велосипед се користи претежно за рекреација или пак за велосипедски тури по планините во струмичкиот регион, што самоиницијативно, што во организација Велисипедскиот клуб „Актив“ од Струмица.
„Последниве години значително е зголемен бројот на велосипедисти во Струмица, претежно од младата популација. Ги користиме рекреативно за посети на излетничко-рекреативните места како што е Св. Илија, манастирите во Водоча и Вељуса, но и до природните убавини на Беласица и Огражден. Многу малку може да се видат граѓани кои со велосипеди одат на работа. Верувам дека полека се менуваат навиките и во Струмица и струмичани ќе го заменат автомобилот со велосипед, оти на тој начин се грижиме од една страна за нашето здравје, не ја загадуваме животната средина и ги избегнуваме сообраќајните метежи“ , кажа Кире Тасев од ВК ,,Актив’’ од Струмица.
Деновиве во југоистокот по повод Европскиот ден на мобилноста, се организираат денови без автомобили на кои локалните власти повикуваат да се користи велосипедот како превозно средство.
В. ТРАЈКОВ