Бројот на луѓе на возраст од 100 или повеќе години во Јапонија за првпат надмина 100.000, покажуваат најновите владини податоци, што укажува на брзото стареење и на намалувањето на населението во земјата.
Статистичките податоци на Министерството за здравство и социјална заштита покажуваат дека Јапонија сега има 107.677 стогодишници, 7.914 повеќе во однос на претходната година. Речиси 88% од нив се жени. Во 1998 имало само 10.000 стогодишници во земјата.
Фујо Кишимото, 114-годишна жителка на Кјото, неодамна беше прогласена за најстарата Јапонка, додека најстариот маж во земјата има 112 години.
„Многу ми е драго што многу луѓе живеат долг, здрав и активен живот“, изјави министерот за здравство Кеничиро Уено.
Сепак, многумина млади не се оптимистични во однос на својата иднина. Националниот институт за истражување на населението и социјалната сигурност минатата недела ги објави резултатите од анкета, според која повеќе од 20% од слободните мажи и жени на возраст меѓу 18 и 34 години немаат намера никогаш да стапат во брак.
Според пописот од 2020, во Јапонија имало 126 милиони жители, при што речиси 30% од нив имале 65 или повеќе години. Експертите проценуваат дека до 2070 година бројот на населението ќе се намали на 87 милиони, од кои речиси 40% ќе бидат на возраст од 65 години или постари.



