ВО МАСКИТЕ ГО СПОЈУВАМ ПАГАНСКОТО СО ЕРОТСКОТО, ВЕЛИ ЦВЕТКО БАГАШОВСКИ, ЕДИНСТВЕНИОТ ИЗРАБОТУВАЧ НА ПОЕДИНЕЧНИ МАСКИ НА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ

    ВО МАСКИТЕ ГО СПОЈУВАМ ПАГАНСКОТО СО ЕРОТСКОТО, ВЕЛИ ЦВЕТКО БАГАШОВСКИ, ЕДИНСТВЕНИОТ ИЗРАБОТУВАЧ НА ПОЕДИНЕЧНИ МАСКИ НА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛЦветко Багашовски досега има изработено околу 200 маски, a Пенисаурус е неговата најпознатата маска, за која доби награди и во странство (Фото: СДК.МК)

    Цветко Багашовски од Струмица е единствениот кој прави поединечни маски со еротска тема на Струмичкиот карневал. Тој секоја година е дел од големото дефиле и не ги остава рамнодушни посетителите со неговите креативни маски, изработени од дрво, текстил, хартија, треви или трски. За годинашново издание изработил четири маски, сите со блага еротика, бидејќи смета дека Струмичкиот карневал е поврзан со тукушто свршените девојки и со празникот Тримери, кога тие се подготвуваат за брачниот и сексуален живот.

    Сакам природни маски, го спојувам паганското со еротското, традиционалното со комерцијалното, вели Багашовски. (Фото: СДК.МК)

    „Останав само јас да изработувам поединечни маски, и тоа со блага еротика. Сите се ориентираа кон групните и посовремени маски, ама јас сакам да ја задржам традицијата преку индивидуалното маскирање. Оваа година имам три поединечни и една мала групна маска. Трите поединечни се Пушти Стојче роговче‘, ‘Комарец со огромна боцка‘ и ‘Под фустанот види што сум. Моите маски на некој начин ги содржат тримерските обичаи и песни“, ни објасни Багашовски.

    Тој досега има изработено околу 200 маски, секоја година по три-четири. Со една тој лично се претставува на карневалот, а другите креации ги носат неговите најблиски или пријатели. Нема година да не биде награден. Со неговите креации бил и во странство, кадешто многу се интересирале за историјата на маските и за начинот на изработка.

    Љубовта кон карневалите кај Цветко се родила како дете, кога во родното село Ратево, Беровско. Штавеле животински кожи, од кои изработувале разни креации и учествувал со ратевски бамбурци. Откако се преселиле во Струмица, почнал да изработува маски од текстил и трски.

    Багашевски за годинашниот карневал изработил три поединечни и една мала групна маска, сите со блага еротска содржина (Фото: СДК.МК)

    ,,Сакам природни маски. Го спојувам паганското со еротското, традиционалното со комерцијалното. Не можам да ви опишам какво е чувството кога по карневалската траса ве бараат да се фотографираат или ви довикуваат дека сте одлични. Тоа се три часа кога сите гледаат во карневалската креација, а не во реалната личност“, вели Багашовски, кој на Струмичкиот карневал ќе остане запаметен по маската Пенисаурус од пред десетина години, со која собра награди и во странство.

    Карневалот започна во средата, а кулминацијата е в сабота вечер, кога по струмичките улици ќе продефилираат околу 1.800 маски од земјава и од Албанија, Бугарија, Србија, Турција, Германија, Црна Гора и Хрватска. В недела е детскиот карневал, а од понеделник се тримерските празнувања, кога ќе бидат прогласени и најдобрите маски, карикатури и афоризми.

    Карневалските денови завршуваат в среда, кога се посетуваат домовите на армасанитедевојки, на кои им се пеат еротски песни.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари