Уште пред четири децении, охридска планинарска екипа направи подвиг и го искачи 4.810 метри високиот Мон Блан, освојувајќи го од француска страна.
Владo Бојаџи, Љупчо Поп Стефанија, Владимир Тунтев, Михаил Битрак, Андон Бојаџи, Климе Волкан, Миле Бафчанџиев, Људмил Цветаноски и Кирил Филев се запишаа во историјата како прва охридска и трета македонска експедиција која успешно ја завршила оваа алпска авантура. Премиерата на документарниот филм за подвигот на охридските планинари ќе биде в недела на „ОхридПрес“, по што вечерта од 20:45 часот ќе биде прикажан на охридската телевизија „ТвМ“.
Имале и потешкотии, ги зафатило и силно невреме и пешки искачувале дел што требало да го поминат со жичница, но сето тоа на крајот како да било безначајно во поглед на она што го постигнале.
„На крајот на 1970-ите, во Охрид се појави организирано планинарење. Бевме една убава екипа. Често пати одевме на Пелистер, со битолските планинари многу добро соработувавме. Тие направија екипа која отиде на Мон Блан. Тоа беше првичната искра што нè натера да размислуваме дали можеме и ние. И започнавме со подготовки, речиси цела година“, вели Љупчо Поп Стефанија.
Покојниот Михаил Битрак уште од детството бил вљубен во планинарењето. Емоциите навираат, бидејќи тој беше човек со големо срце, со љубов спрема еден простор кој за него беше живот. Тој секогаш го споменуваше овој настан, се потсети неговата сопруга Елида Битрак.
„Имало една случка која ми ја раскажа и сè уште ја носам во мислите. При искачувањето почнале да му отрпнуваат нозете и рацете, со оглед на тоа што немаа соодветна опрема. Ги застанал еден искусен планинар и му дал на Миле специјални чорапи. Тие чорапи и денес ги чуваме за спомен”, вели таа.
„Сега има планинари во Охрид како Мартин Пејоски, Антонио Додески, Мишко Танески и други. Ако ние сме биле иницијатори за оваа нивна љубов кон планината, значи акцијата за искачување на Мон Блан била успешна. Само еднаш искачете се на планина и сè ќе ви биде јасно. И секогаш ќе барате да се вратите”, вели Цветаноски.
Според Климе Волкан, планинарењето е спорт кој ве исцрпува и заморува, но и оплеменува. Најзначајна е личната сатисфакција дека сте успеале во нешто.
„Планинарењето се разликува од фудбалот и кошарката, бидејќи немате публика од неколку илјади луѓе кои ве бодрат. Овде се победувате самиот себеси, ја делите победата со пријателот со вас. Тоа не се опишува со зборови“, рече Волкан.
Д. ЧУБРИЌ