ВОДЕЧКИ СВЕТСКИ АРХИТЕКТИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГОВОРАТ ЗА ПОЗИТИВНИТЕ ПРИМЕРИ ВО АРХИТЕКТУРАТА, „СКОПЈЕ 2014“ НЕ Е МЕЃУ НИВ

    ВОДЕЧКИ СВЕТСКИ АРХИТЕКТИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГОВОРАТ ЗА ПОЗИТИВНИТЕ ПРИМЕРИ ВО АРХИТЕКТУРАТА, „СКОПЈЕ 2014“ НЕ Е МЕЃУ НИВШер архитектс е форум на кој се презентираат современите текови во архитектурата т.е позитивни примери на архитектонската пракса. „Скопје 2014“ не е позитивен пример во архитектурата, вели Mартин Пановски, претседател на ААМ и нема да е тема на форумот

    Светски профеционалци од различни области на архитектурата денеска се гости на настанот „Шер архитектс Скопје“ (Share architects), кој по вторпат се одржува во Скопје. Ќе има три панел дискусии „Скопје утре – Крупни проекти“,  „Фасади“, како и предавање од специјален гостин. Меѓу големите имиња кои годинава ќе говорат се големиот шпански архитект Фернандо   Менис, основач на „МенисАрхитектос“ и архитектот Марк Сатон Вејн, еден од врвните десет дизајнери на осветлување во светот. Една од најважните компании во Холандија, „ MВРДВ“, ќе биде претставена преку Хуи-Хсин Лијао, виш водител на проект. За тековната состојба на архитектурата во Скопје и за нивната визија за иднината ќе говорат македонските архитекти. Годинава, на архитектката Мимоза Несторова-Томиќ ќе ѝ биде доделено признанието „Опера омнија“ на Друштвото Шер за забележителни достигнувања во архитектурата во текот на целата нејзина кариера.

    Флорин Миндириџиу, директор на Шер Скопје 2019, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека како и на секој Шер форум, овој пат нивната главна цел се состои во идејата да ги поврзат луѓето преку архитектурата, да споделат концепти и иницијативи во Централна и Источна Европа за да ја доведат архитектурата до едно повисоко ниво на социјална сензитивност.

    „’Шер Скопје 2019’ ќе биде уште една одлична можност Македонија да ни ги покаже своето архитектонско наследство и своите идни намери во поглед на современата архитектура“, вели Миндириџиу

    Смислата на Шер архитектс се состои во тоа да, преку размена на знаења, да се заложат за потенцијалот на изразување во архитектонската професија во Централна и Источна Европа. „Ние создаваме врски, интелектуални и професионални врски, а оваа мрежа успева да воспостави една заедница што постојано расте“, вели Миндириџиу.

    Тој смета дека како резултат на широката разновидност на теми, од мали проекти до урбанистичко планирање и осветлување, настанот ќе биде еден  извонреден канал  за информирање, па дури и за љубопитните студенти или за младите архитекти кои бараат инспирација и водство од големите имиња во архитектурата, или за инвеститорите што бараат партнерство или пример на успешен проект.

    „Според нас, нашиот прв Шер-настан во Скопје беше дефинитивно успешен; ја зајакнавме нашата соработка и успеавме да наидеме на одличен одѕив и поддршка од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), па воопшто не се сомневаме дека и ’Шер Скопје 2019’ ќе биде уште една одлична можност Македонија да ни ги покаже своето архитектонско наследство и своите идни намери во поглед на современата архитектура“, вели Миндириџиу.

    Тој продолжува оти веруваат дека постои неискористен потенцијал за изразување на архитектонската професија во регионите на Централна и Источна Европа и дека архитектите би можеле да извлечат полза од едно повисоко ниво на претставување на европско и на светско ниво коешто би се постигнало со соодветни средства за комуницирање и вмрежување.

    Меѓу големите имиња кои годинава ќе говорат се големиот шпански архитект Фернандо Менис, основач на „Менис Архитектос“ (Фото: Шер архитектс)

    „Како предуслов за оваа активна заедница на учесници и говорници, решивме да воспоставиме едно меѓународно друштво на архитектите- Друштвото Шер коешто ќе ја  подобри поврзаноста меѓу неговите членови во рамките на една структура во којашто ќе се споделуваат искуства, идеи и високи дострели. Друштвото Шер, една  ексклузивна група за оддавање признание на неговите членови за исклучителни дела и придонеси во рамките на Шер заедницата низ годините. Оваа рамка ќе опфати  една  активна заедница, базирана на признато членство, доделено благодарение на угледот, и ќе дејствува како катализатор за вмрежување, комуницирање, дебата и акција. Архитектот Ијан Ричи од ’Иан Ричи Архитектс’ и угледен член на Шер, го гледа Шер како ’интелектуална, емоционална размена на мислења на креативни луѓе’, додека сер Филип Самин партнер и основач на ’Самин енд Партнерс’ и угледен член на Друштвото Шер ја поддржува истата идеја за една ‘долго очекувана’ воспоставена архитектурна мрежа која располага со ’една интелектуална чистота, една   интелектуална   свежина’  и која не ја зема предвид возраста на учесниците, туку своето внимание го концентрира на ширењето на знаењата“, вели директорот на Шер Скопје.

    Претседателот на ААМ, Мартин Пановски, кој е домаќин на настанот, изминатиов период е актуелен по оставката која ја поднесе од работната група за „Скопје 2014“. На прашањето дали овој контроверзен проект ќе биде тема на настанот, за да се слушнат мислења од странски експерти па и предлози за тоа што понатаму, тој вели дека за жал сѐ уште не се занимаваме со „Скопје 2014“ како што треба, туку малку по малку како општество дури и се навикнуваме на овој феномен, и како физичка структура но и како систем на односи кои сѐ уште функционираат на полето на урбаното планирање и градењето во Македонија.

    Една од најважните компании во Холандија, „ MВРДВ“, ќе биде претставена преку Хуи-Хсин Лијао (Фото: Шер архитектс)

    „Заради тоа и ја поднесов оставката. Не сакам да кажам дека треба да се занимаваме единствено со ’Скопје2014’. Напротив, една од последиците од Скопје2014 е и крајноста во која се оди во однос на (не)градењето т.е развојот на Скопје во последниве две години. Скопје нема визија каков град сака да биде. Дали ќе биде затворен град или отворен. Дали ќе е економски и политички центар или не. Кога ќе ја имаме визијата тогаш треба да видиме како да се дојде до неа. Во моментов се бараат подобри урбанистички планови и идеи без претходно да се сменат законите и правилата и да се подобри системот и да се подобрат условите во кои работат архитектите. Чудата во архитектурата не се случуваат одеднаш. Зад чудата стои долгогодишна работа на правење на систем на вредности и систем на односи. Работите не се случуваат сами од себе . Не е доволно да имате само желба“, вели архитектот.

    Според него, Шер архитектс е форум на кој се презентираат современите текови во архитектурата т.е позитивни примери на архитектонската пракса. „Скопје 2014“ не е позитивен пример во архитектурата, вели тој,  и нема да е тема на форумот.

    „Меѓу останатото на форумот ќе бидат презентирани два капитални проекти кои се веќе во изградба на територијата на Скопје- Скопје ист гејт и  Лимак, два проекти со мешана намена кои и те како ќе влијаат на урбаното ткиво на Скопје, а нам всушност ни се малку познати.  Можеби нас лично нѐ интересира мислењето и идеите на странските колеги за проектот Скопје2014, но лично мислам дека е многу рано да дискутираме за идеи. Сепак најважно од сѐ е да се испита и расчисти процесот кој доведе до изградба на ’Скопје 2014’,  а со тоа и учесниците во истиот да сносат соодветна одговорност, зошто без тоа во иднина ќе го имаме истото само со различен дизајн. Идеи има и ќе има, но мислам дека на тој начин бегаме од суштината кој стои позади Скопје2014“, вели Пановски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира