ВОДЕНИЦАТА НА НАСИР УСЕИНИ ВО ТЕАРЦЕ Е СТАРА 500 ГОДИНИ, НО НЕМА КОЈ ДА ГО НАСЛЕДИ ЗАНАЕТОТ

    ВОДЕНИЦАТА НА НАСИР УСЕИНИ ВО ТЕАРЦЕ Е СТАРА 500 ГОДИНИ, НО НЕМА КОЈ ДА ГО НАСЛЕДИ ЗАНАЕТОТВоденицата на Насир е единствената која работи на потегот од Јажинце до Тетово и денес малкумина доаѓаат нешто да сомелат (Фото: СДК.МК)

    На местото каде што завршува село Теарце и почнува Отушиште се наоѓа воденицата на Насир Усеини. Според кажувањето на Насир, стара е над 500 години, направена била набрзо по доаѓањето на Турците во овие краишта и отсекогаш била во сопственост на неговото семејство.

    Во минатото, воденичарството било многу развиено во овие предели и имало десетици воденици, а сега, воденицата на Насир е единствената која работи на потегот од Јажинце до Тетово. Тој вели дека воденичарскиот занает е многу тежок и во денешно време неисплатлив, но тој ќе остане до го работи додека може.

    „Оваа воденица е стара над 500 години и сите овие векови ја држеле моите предци. Сите очекуваат да видат мала и речиси пропадната градба, но нека не ве залажува денешниот изглед. Минатата година, со средства од ИПА фондовите, целосно беше реновирана. Сè е запазено како што беше порано. Секој камен што го гледате во ѕидовите е од старата воденица, само место кал, сега е користен малтер, а сменети се и дрвените греди. Според некои истражувања што ги правеа моите роднини и од старите турски тапии што ги имаме, воденицава е направена некаде околку 1490 година и оттогаш не прекинала со работа. Таа била една од првите воденици кои овде биле направени. Теаречкото Поле во тоа време било многу јако и давало богат род, и тоа благодарение на реката Бистрица, која има многу вода. Сите села од равничарскиот дел доаѓале овде да го мелат житото бидејќи таму немало воденици. И од Косово доаѓале, посебно од Призрен. Само во Теарце имало 14 воденици кои работeле 24 часа на ден преку цела година“, ја раскажува Насир историјата на неговата воденица.

    Усеини пред воденицата која лани целосно ја реновирал (Фото: СДК.МК)

    Денес оваа дејност е пред изумирање. Индустрискиот начин на производство на брашно го стори своето и ги затвори сите воденици, кои не можеа да бидат конкурентни.

    „Од 14-те воденици, во Теарце останаа само три, од кои само оваа работи. Малкумина носат нешто за мелење. Со 100-200 денари дневна заработувачка тешко се живее, но имам веќе 65 години и ќе работам тука додека можам. Воденичарскиот занает се пренесувал од колено на колено, но, по сè изгледа, јас сум последниот кој ќе работи во оваа воденица. Имам три ќерки, кои се мажени и отидени на различни страни. Кога ќе умрам, ќе замрат и воденицава и воденичарскиот занает во овој крај“, со тага вели Насир.

    Со Насир влеговме во воденицата. Во внатрешноста, светлоста се пробива само низ малиот отвор од прозорецот, давајќи ѝ на целата просторија помалку мистичен изглед. Бучавата што се создава од вртењето на мелничкиот камен, како и од водата што тече под воденицата, не принудува да зборуваме многу гласно за да се разбереме.

    „Ова се камењата кои го мелат житото. Овој дрвен дел на каменот е тракаташка. Тој удира по каменот и така се дозираат зрната кои паѓаат да се мелат. Тракаташката ја прави најголемата бучава и го дава оној препознатлив звук на секоја воденица. Долу под каменот е тркалото, односно перките во кои удира водата и го движи воденичкиот камен. Сега работи само една мелница, а порано имаше две“, објаснува Насир.

    Усеини вели дека воденичарскиот занает е многу тежок и во денешно време неисплатлив (Фото: СДК.МК)

    „Освен мелниците, порано имавме и валавница за волнени работи, а моите ми кажувале дека во минатото до воденицата имало и фурна за печење леб. Денес најмногу мелам пченка, помалку пченица и ‘рж. Дневно може да се сомелат од 100 до 150 килограми. Како што поминува времето, во државава има се помалку и помалку воденици. Затоа оваа воденица е и еден вид атракција за бројните посетители. Доаѓаат ученици, но и туристи од Албанија, Косово, Турција, Франција, Италија, Америка“, раскажува Насир.

    Благоја Котески од соседното село Доброште редовно доаѓа тука да сомеле пченка.

    „Електричните мелници имаат голем број вртежи и така го ‘горат‘ брашното и тоа го губи убавиот препознатлив вкус. Овде, мелењето се одвива пополека и тоа го прави брашното помеко, поприродно и повкусно. Кога ќе пробате лепче, бакардан или друго јадење подготвено од пченкарно брашно сомелено во воденица, веднаш можете да ја почувствувате разликата во вкусот“, вели Благоја.

    Водениците секогаш биле мистични места, кои народот ги поврзувал со разни верувања.

    „Во народот и денес постои верување дека воденицата може да му помогне на дете кое не може течно да зборува или, како што ние велиме, д‘тка. Во тој случај, треба да се црпне вода оддолу од чаргот, каде што водата удира во тркалото и го врти, и да му се даде на детето да се напие. Верувањето е како што чаргот лесно ги врти тркалото и воденичарскиот камен, така ќе му помогне на детето лесно да ги кажува зборовите. Ова народно верување и денес е доста присутно кај луѓето и многумина имаат дојдено да земат вода од воденицава“, раскажува Насир.

    За втората приказна нè однесе кај воденичарскиот камен, каде што се меле житото.

    „Овој камен одозгора што постојано се врти го викаме машки камен, а овој одоздола е женски камен. Има мажи кои не се домаќини, не ја слушаат жената и скитаат, па за да го прибере мажот, жената доаѓа во воденицава да земе мало парче од долниот, женски камен. Тоа парче треба да го замота во крпче и да го стави во облеката од мажот, без тој да знае. Така тој веќе нема да биде немирен како што е машкиот камен, туку ќе се смири како женскиот камен од воденицата“, вели Насир.

    За третото верување Насир покажува кон дрвениот сандак каде што паѓа сомеленото жито.

    „Кога некоја девојка или момче со години нема ксмет да се ожени или омажи, доаѓа во воденицава за да земе пасфал. Тоа е она што се собира на сандакот каде што паѓа сомеленото брашно. Се зема малку од пасфалот, се свиткува во марамче и тоа треба постојано да го носи со себе. Луѓето веруваат дека овие работи можат да им помогнат да си ја решат маката која ги снашла, а јас само правам себап, добро дело, па кој знае, можеби некому и ќе помогне“, вели Насир.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира