Речиси 2,2 милиони денари беа собрани на 12. Хуманитарен пикник на вработените „Алкалоид“, наменети за набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп за Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Годинашниот традиционален хуманитарен пикник е прв од серијата настани со кои македонскатата фармацевтска компанија го одбележува својот 90 роденден.
Од првиот Хуманитарен пикник на „Алкалоид“ во септември 2011 година, до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина. Сите досегашни донации се реализирани преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, основана од „Алкалоид“ во 2007.
„Особено сме благодарни што ’Алкалоид’, кој како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата“, изјави проф. д-р Катерина Бошковска, директорка на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Станува збор за специјализирана медицинска опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта со помош на тенок и флексибилен инструмент со оптички систем. Опремата се користи за навремена дијагностика и третман на белодробни заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела во дишните патишта.
„Зад секој успех и секое достигнување на ’Алкалоид’ стојат луѓето: оние кои ги поставиле темелите, оние кои продолжиле да градат и оние кои денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Посебно ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè“, изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ и претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Хуманоста, грижата и заедништвото годинава добија и свој визуелен израз на традиционалните маици за Хуманитарниот пикник. Мотивот „Алкалоидовата куќа“, создаден од македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј, ја пренесува идејата за припадност, блискост и солидарност, кои, всушност, се вредностите што го поврзуваат големото семејство на „Алкалоид“.



