ЗА СЕКСОТ ТРЕБА ДА СЕ УЧИ УШТЕ ВО ОСНОВНО ШКОЛО, ВЕЛИ ЗОРАН КАРДУЛА ДИЗАЈНЕР НА НОВАТА РУБРИКА #ДаЗборимеЗаСекс

    ЗА СЕКСОТ ТРЕБА ДА СЕ УЧИ УШТЕ ВО ОСНОВНО ШКОЛО, ВЕЛИ ЗОРАН КАРДУЛА ДИЗАЈНЕР НА НОВАТА РУБРИКА #ДаЗборимеЗаСексСексуалното образованиетреба да биде задолжителен предмет уште во основното образование, а за сексот треба да се зборува отворено без никакви предрасуди, вели дизајнерот Зран Кардула (Фото: Фејсбук)

    Графичкиот дизајнер и активист  Зоран Кардула е автор на оригиналните илустрации за рубриката „Да збориме за секс“  на новата платформа Смарт.СДК.МК, што функционира како субдомен на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Еднаш во неделата во рубриката #ДаЗборимеЗаСекс ќе се објавуваат едукативни текстови за сексот и сексуалното здравје.

    „Новото е секогаш предизвик. Во случајот беше две во едно. До сега не сум работел за сајт ниту пак на конкретната тема. Ми се виде интересен предизвик и лесно се одлучив да го работам. Темата е неисцрпна. Она што се гледа како веќе апсолвирано од повозрасната публика за младата е сѐ уште предизвик и непознаница до некаде“, вели Кардула.

    Илустрација на Зоран кардула за новата рубрика на Смарт.СДК.МК

    Дизајнерот смета дека нивото на сексуалното образование во Македонија не е на потребното ниво и дека треба да биде задолжителен предмет уште во основното образование. За сексот, вели тој,  треба да се зборува отворено без никакви предрасуди.

    „Скоро прочитав дека кај нас расте бројот на малолетнички кои останале бремени. И бројката е загрижувачка. Внимание треба да се посвети поготово во рурални средини и меѓу социјално ранливи категории. Секако и родителите на одредена возраст на своите деца треба отворено да разговараат посебно во насока на спречување на несакана бременост и заштита од сексуално преносливи болести“, смета Кардула.

    Една од илустрациите со кои се проследени лекциите по сексуално образование што ќе се објавуваат на новата платформа Смарт.СДК.МК

    Зоран Кардула стана актуелен во современата македонска уметност, а и во регионот, по објавувањето на неговите редизајни на познати некогашни југословенски брендови, како и по објавите во светски познати портали, по победата на постер натпреварот на Латино-филмскиот фестивал, по изложбата во Минесота на постери на тема за Советската неоконструктивистичка пропаганда.

    Кардула е најпознат по графиките на женските портрети, за кои вели дека се инспирирани од убавината на дамите во 1920-тите години и нивната софистицирана меланхолија, а во март во Чифте амам во Скопје имаше и изложба насловена „Жените и понекој маж“. Сепак, Кардула е и омилен уметнички лик, кој како активист и графички дизајнер е автор на повеќе решенија на принтови за слобода во сите сфери на општествениот живот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари