ЗАКОНИТЕ НЕ ГИ ПРЕПОЗНАВААТ ДЕЦАТА СО ДИСЛЕКСИЈА

    ЗАКОНИТЕ НЕ ГИ ПРЕПОЗНАВААТ ДЕЦАТА СО ДИСЛЕКСИЈАЕден од десет луѓе на планетата има дислексија, a нашата земја влегува во овој просек

    Еден од десет луѓе на планетата има дислексија, а нашата земја, според истражувањето спроведено од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ во рамките на проектот „Инфо ѕид за дислексија“, влегува во овој просек.

    Мозокот на овие лица поинаку ги процесира пишаните и говорните информации, а психолозите се едногласни дека, што порано се открие и интервенира, толку помали ќе бидат долгорочните последици од оваа состојба. Раната идентификација е од суштинско значење, бидејќи најефективниот начин да се помогне на дислексичар е решавањето на потешкотијата во првите години од школувањето. Достапните методи во западно-европските земји овозможуваат дислексијата успешно да се идентификува веќе на петгодишна возраст со 92 процентна сигурност. Формалната дијагноза за состојбата ја поставуваат сертифицирани едукативни психолози, а освен тоа, во развиените земји постојат и десетици алатки за скрининг, достапни за секој родител или лице што се сомнева дека има дислексија и со кои може успешно да се потврди индикацијата.

    За разлика од западните земји, па и од некои балкански држави, кај нас, дислексијата се уште е далечна тема. За неа се зборува последните неколку години, и тоа најмногу преку заложбите на граѓанските организации. Институциите, Министерствата за образование,Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образованието, локалните самоуправи и училиштата, се отворени за соработка, но конкретно ефектуирање, во облик на формални обврски за секој од нив, засега нема.

    Министерството за образование и наука во Стратешкиот план 2018-2020 меѓу првите приоритети предвидува воспоставување систем за поддршка на инклузивното образование. Во овој дел, задолжително место треба да најдат и децата со дислексија. Неопходно е дефинирање на состојбата како специфична потешкотија во учењето, како и воспоставување прецизни подзаконски акти со кои ќе се уредат обврските на образовните установи и другите институции.

    Едукацијата на психолозите, педагозите, наставниот кадар е на почетно ниво и тоа благодарение на заложбите и обуките кои ги организира Здружението Ајнштајн

    Во меѓувреме, во македонскиот училишен систем, па и пошироко во општеството, децата со дислексија, неоправдано, многупати се сметани за мрзеливи или лоши ученици. Всушност, заради непознавање на состојбата и необученост и неедуцираност на наставниот кадар, се игнорирани и оставени самите да се справуваат со потешкотиите. Едукацијата на психолозите, педагозите, наставниот кадар е на почетно ниво и тоа благодарение на заложбите и обуките кои ги организира Здружението „Ајнштајн“. Сепак, тие се на доброволна основа и не се задолжителни, па огромен дел од просветните работници и понатаму има потешкотии да препознаат дислексија и да дадат соодветна помош. Резултатите од тоа се поразувачки, децата од училиште изглегуваат не само без знаења, туку и со ниска самодоверба и многу фрустрации. За разлика од кај нас, западните земји одамна го потврдиле фактот дека дислексијата, всушност е дарба.

    Велика Британија, лидер со над 4 децениско искуство во третманот на дислексијата

    Британската Асоцијација за дислексија во 2017 година ја одбележа 45 годишнината од постоењето и работата во полето на јакнењето на свеста за лицата со дислексија. Како резултат на нивната долгогодишна работа, како и на уште дузина организации, асоцијации, здруженија и групи за поддршка, Велика Британија е лидер во институционализацијата на дислексијата. Оваа состојба, како специфична потешкотија во учењето, за прв пат е спомната во Дисабилити Дискриминејшн Акт (Disability Discrimination Act) во 1995 година, а потврдена и со Еквалити Акт(Equality Act), со кој се забранува било каква дискриминација на луѓето со попречености. Тоа подразбира обврска и одговорност пред законот за секој што нема да создаде еднакви услови и за лицата со дислексија, без разлика дали е училиште, работодавец или друга институција. Велика Британија е потписник на Конвенцијата на Обединетите нации за правата за попреченост. Потписник на Конвенцијата е и нашата земја,  но Британија, за разлика од нас, има отидено неколку чекори понапред во вистинска имплементација на основните начела на Конвенцијата.

    Дејвид Кребтри, консултант за образование на Универзитетот Вестминстер и специјалист за инклузивно образование и СЕН консултант во Бритиш Кансл (British Council), вели дека сите наставници и згрижувачи во образовните институции, не смеат на било кој начин да ги дискриминираат  учениците со потешкотии во учењето. Ако го сторат тоа, го кршат законот.

    „Креирање на образовен систем кој е наклонет кон децата со дислексија е од витално значење за вашата земја, не само затоа што ќе им помогне на децата со дислексија да учат подобро, туку и затоа што ќе им помогне на сите деца да учат подобро, вели Кребтри

    „Во Обединетото Кралство и сите водечки земји во ЕУ, дислексијата е прифатена како потешкотија во рамките на правото и како таква им обезбедува права на лицата со дислексија и истовремено им дава обврски и должности на сите едукатори, како и на институциите“, вели Кребтри.

    Тој објаснува дека Еквалити Акт како прекршување на законот ги смета:

    • директната дискриминација, на пример ако училиште одбие прием на ученик заради тоа што има дислексија
    • индиректна дискриминација, на пример, ако од ученик со дислексија се бара да одговара на само на тестови во пишана форма
    • дискриминација која произлегува од дислексија, на пример, кога ученикот се прави да се чувствува глупаво пред своите врсници, бидејќи има проблем правилно да ја состави, изговори или напише реченицата
    • вознемирување, на пример, наставникот вика по ученикот со дислексија дека не внимава на часот, иако треба да знае дека дислексијата ги попречува лесно да се сконцентрират (како и дека краткотрајната меморија и намалената работна меморија се дел од аспектите на дислексијата)
    • виктимизација, на пример, казнување на ученик со дислексија, бидејќи се пожалил на малтретирање од другите

    Со методите за дислексичари подобро учат и другите деца

     

    Училиштата, вели Кребтри, имаат обврска да направат „разумни прилагодувања“, за да осигураат дека учениците со дислексија не се дискриминирани. Овие прилагодувања може да вклучуваат обезбедување дополнителна поддршка и помош, како едуцирани наставници или опрема. Сите училишта во Велика Британија вработуваат специјалист за дислексија, кој им помага на наставниците да ја прилагодат нивната настава и да им помогнат на дислексичарите да учат и да напредуваат заедно со своите недислексични врсници. Дислексичарите се често меѓу најинтелигентните на децата во училиштето, или се барем исто интелигентни како и нивните врсници. Но, тие учат поинаку од другите деца. Клучот за добрата настава за деца со дислексија, смета Кребтри, е да се подучува според начинот на кој детето учи.

    „Креирање на образовен систем кој е наклонет кон децата со дислексија е од витално значење за вашата земја, не само затоа што ќе им помогне на децата со дислексија да учат подобро, туку и затоа што ќе им помогне на сите деца да учат подобро“, дециден е Кребтри.

    Хрватските училишта се прилагодени на потребите на дислексичарите

     

    Целта на образовните институции во Хрватска е откривање на дислексијата во претшколска возраст или во што пониските одделенија. За оваа потешкотија во учењето се зборува во последните триесеттина години, а правата на луѓето со дислексија се уредени со актите за забрана на дискриминација. Хрватското здружение за дислексија постои од 1992 година, а неколку децении функционира и Националниот центар за откривање на дислексијата. Детските градинки во Хрватска имаат обврска, доколку забележат проблем кај дете, за тоа да ја известат комисијата составена од лекари, наставници, психолози, педагози и логопеди која дава одобрение за запишување во основно училиште. На тој начин потешкотијата се лоцира на самиот почеток на образовниот процес.

    Во рамките за законот за основно образование, во Хрватска постои Правилник за основно образование и воспитание на ученици со тешкотии во развојот кој наложува целосна интеграција на овие деца во училишниот систем, со индивидуален пристап во одредени делови. За децата со дислексија основните училишта мораат да обезбедат работа со логопед и педагог. Тие во хрватските училишта го слушаат и го учат истиот материјал како и сите деца во класот, но наставникот или логопедот се должни проверката на знаењето да ја прилагодат на потребите на детето. Според Правилникот, на дислексичарите мора да им се овозможи:

    • подолго време и помош при читањето на прашањата кај секое писмено тестирање
    • прилагодувње на пишаниот материјал (на пример поголеми букви или поголем проред),
    • инсистирање на усмено одговарање,
    • помош при читањето на матаматичките проблеми, и други.

    Хрватскиот образовен систем нуди и прилагоден пристап со индивидуална програма за секое дете посебно, доколку се работи за потешка форма на дислексија. Со оглед на тоа дека оценките на децата со дислексија се секогаш полоши и многу често не го изразуваат нивното вистинско знаење, хрватските средни училишта имаат обврска секое дете кое ќе приложи соодветна документација за својата состојба, да го запишат со 15 проценти помалку бодови од минималниот праг, што го одредило училиштето.

    Кристина Мудриниќ, дислексичар и тренер за дислексија по методот Рон Дејвис од Хрватска, вели дека свеста за дислексијата во земјата е на високо ниво и многу ретко се сретнува неедуциран наставник. Хрватскиот образовен систем, смета таа, се обидува да му помогне на секое дете.

    „Свеста за дислексијата во Хрватска е на високо ниво, а образовниот систем се обидува да му помогне на секое дете“, вели Кристин

    „Ако постои сомневање дека дете има дислексија, училиштето ќе преземе мерки да се утврди нивото и ако има потреба, ќе овозможи индивидуален пристап во наставата. Едукацијата на наставниците не е задолжителна и е на индивидуално ниво, но има доста предавања што се многу позитивно прифатени. Од моето искуство можам да кажам дека, ако се утврди дислексија кај едно дете, не се случило наставник да не го прилагоди својот пристап на потребите на детето со тешкотии во учењето“, вели Мудриниќ.

     


    Сторијата ја подготви Сања Наумовска, во рамките на проектот „Не сум чуден, само имам дислексија“

    Овој материјал е финансиран и изготвен со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на материјалот е единствена одговорност на Здружението за дислексија „АЈНШТАЈН“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира