Рекордни 350 учесници од целата земја учествуваат на финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија. Во присуство на професори и со поддршка од своите родители, финалистите ги покажуваат своите математички вештини во елиминациските рунди и се натпреваруваат за главната награда од 10.000 евра.
„Денеска се слави талентот на учесниците. Нивната посветеност кон математиката претставува дополнителна инспирација за тимот кој го овозможи UltiMATH. Посебна благодарност сакам да упатам до средните училишта низ целата земја кои широко ни ги отворија вратите за овој предизвик“, кажа Петар Ниновски, основачот на образовниот центар „Бреинстер“, Факултетот Бреинстер НЕКСТ и на NU Колеџот за средношколци, на отворањето на натпреварот.
По завршувањето на денешните две рунди на UltiMATH, најдобрите 50 учесници го продолжуваат натпреварувањето во Суперфиналето и во UltiMATH Challenge, каде што ќе се соочат со напредни математички задачи и со комплексни математички проблеми.
Покрај паричната награда од 10.000 евра, најдобриот математичар ќе добие и 100% стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот. Донација од 1.500 евра ќе добие училиштето од каде што доаѓа најдобриот математичар.