ЗБОГУМ МОЕ СЕМЕЈСТВО – ЛЕГЕНДАРНИОТ ЗУБИН МЕХТА ПО ПОЛА ВЕК СЕ ПЕНЗИОНИРАШЕ КАКО ДИРИГЕНТ НА ИЗРАЕЛСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

    ЗБОГУМ МОЕ СЕМЕЈСТВО – ЛЕГЕНДАРНИОТ ЗУБИН МЕХТА ПО ПОЛА ВЕК СЕ ПЕНЗИОНИРАШЕ КАКО ДИРИГЕНТ НА ИЗРАЕЛСКАТА ФИЛХАРМОНИЈАОсумдесет и тригодишниот Мехта се појави на сцената со бастун и доби долги стоечки овации во концертната сала „Чарлс Бронфман“ (Фото: „Ерусалим пост“)

    Легендарниот диригент Зубин Мехта за последен пат ја водеше Израелската филхармонија на концерт во Тел Авив, со што означи пензионирање после 50 години водење на оркестарот како диригент и музички директор. Осумдесет и тригодишниот Мехта, кој лани беше на операција поради рак, на сцената се појави со бастун и доби долги стоечки овации во  концертната сала „Чарлс Бронфман“.

    Претходно, тој во интервју кажа дека со тој концерт се збогува од неговото семејство. На нивниот последен концерт се изведоа Концертот за пијано бр. 2 од Лист и Втората симфонија на Малер.

    „Благодарен сум од сѐ срце за она што ми го даде овој оркестар. Не само овие музичари, туку и генерации пред нив. Не можам ни да ви опишам што сѐ научив од овие музичари“, рече Мехта пред публиката.

    Израелската филхармонија го назначи Мехта, кој е роден во Индија, за музички советник во 1969, за музички директор во 1977, и за доживотен музички директор во 1981.

    Харизматичниот диригент одржа концерт со Израелската филхармонија во Скопје во 2007, како дел од Фестивалот Охридско лето. Мехта исто така на неколку пати го одбра македонскиот виолинист Ѓорѓи Димчески, кој живее во Шпанија,  да биде концерт-мајстор на турнеите на израелскиот оркестар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира