ЗЕЛЕНО‘РТСКИ ОСТРОВИ – МЕСТО КАДЕ ШТО СЕ РАЃААТ УРАГАНИ

    ЗЕЛЕНО‘РТСКИ ОСТРОВИ – МЕСТО КАДЕ ШТО СЕ РАЃААТ УРАГАНИУраганите што ги пустошат САД и Кариби се директно поврзани со Сахара (Фото: АП)

    Набргу откако Харви предизвика големи уништувања во Тексас, Кариби и Флорида се најдоа на ударот на Ирма, а остануваат уште 12 недели од сезоната на урагани во Атлантикот.

    Тоа го поставува прашањето: од каде доаѓаат сите тие урагани?

    Истражувачите заклучија дека сите тие почнуваат како специфичен временски шаблон во атмосферата над западна Африка, поточно во близина на брегот на Зелено‘ртските Острови.

    Точно во тој дел се судираат две сосема различни појави: жешки, суви ветрови што доаѓаат од Сахара и студени, повлажни ветрови што пристигнуваат од југот.

    Според една студија објавена во 2015 година, ако внимателно се следат овие тропски неправилности, полесно може да се предвиди која од нив ќе се претвори во сериозен ураган.

    „85% од најинтензивните урагани што ги погодуваат САД и Канада почнуваат како вознемирувања во атмосферата над западна Африка. Колку е поголемо подрачјето покриено од овие вознемирувања, поголеми се и шансите дека тие ќе се развијат во ураган во рок од недела-две“, вели Колин Прајс од универзитетот во Тел Авив.

    Овие урагани се директно поврзани со едно од најсувите места на планетата. Интеракцијата на сувиот топол воздух од Сахара со студениот повлажен воздух од Гвинејскиот Залив го создава тн. африкански источен ветер, што дува од исток кон запад.

    Кога поминува над топлите екваторијални води, тој предизвикува раст на топлиот и влажен воздух над Атлантикот, што, пак, создава луњи и неверојатно брзи ветрови. Кога ветерот ќе ја достигне брзината од 120 км/ч, тој станува ураган од прва категорија. Ако условите се добри, ветровите забрзуваат до 240 км/ч, што е ураган од петта категорија, најсилен на Земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира