СО ЖЕНСКИ ИМИЊА СЕ САМО ТРИ ПРОЦЕНТИ ОД УЛИЦИТЕ ВО БИТОЛА

    СО ЖЕНСКИ ИМИЊА СЕ САМО ТРИ ПРОЦЕНТИ ОД УЛИЦИТЕ ВО БИТОЛАНа секоја 34-та улица доаѓа по една со женско име, најчесто имиња на партизанки и револуционерки, како Мара Јосифовска, Елпида Караманди, Вера Циривири-Трена, Ружа Делчева, Мирка Гинова (Фото: СДК.МК)

    Само три проценти од улиците во Битола носат женски имиња, а дури 43 проценти машки. На официјалната интернет страница на Општина Битола нема листа со улици, па се послуживме со информации од гугл мапс и викимапиа.  Битола има околу 345 улици, од кои околу 150 носат машки имиња, десетина женски, а останатите имиња на места, датуми и настани.  На секоја 34-та улица доаѓа по една со женско име.  Тоа се најчесто имиња на партизанки и револуционерки, како Мара Јосифовска, Елпида Караманди, Вера Циривири-Трена, Ружа Делчева, Мирка Гинова и други.

    Бројот на улици со женски имиња незначитечно е зголемен во однос на периодот од повеќе децении. Така, во поранешна Југославија во градот имало само седум улици именувани по женски личности, а дури 119 со машки имиња. Во периодот под бугарска власт во Втората светска војна  биле само шест, некои носеле имиња на бугарски царици и жени кои помагале во македонските востанија.

    Листа со имиња на улиците во Битола денес, во бивша Југославија и под бугарска власт (Фото: СДК.МК)

    „Потребен е родов баланс, зашто кај нас по правило мажи има повеќе почнувајќи од политиката, па сѐ до имињата на улиците. Зарем само чистачки на скали да имаме повеќе од мажи? Не мора застапеноста да биде секогаш 50 на 50 проценти, но да нема вакви разлики. На пример, во Битола не се сетиле ни една улица да ја наречат со името на Анча Ристевска, која беше една од основачите на Организацијата на жени во 1944 година, а почина пред една година. Понатаму, од 16 основни и средни училишта, само едно носи женско име“, вели Светлана Петковска, претседател на Организацијата на жени од Битола.

    Историчарите велат дека од секогаш имало заслужни женски ликови за со нивните имиња да се обележат улици, но или биле фрлени во зборав или на мажите им се давало предност. Таков е примерот со големата хуманитарка наречена битолска Мајка Тереза, односно Захрија Шумљанска и првата битолска комитка Донка Ушлинова, со чии имиња се обележаа улици пред неколку години, по повеќе од еден век од нивното делување.

    „За голема битолска и македонска жал, кон овој македонски месија и добротвор Шумљанска, а воедно и голема страдалничка, беше направена неправда и беше фрлена во длабок заборав од целокупната македонска историографија. Десетина години се обидував да го афирмирам нејзиното дело. Немаше ни споменик , ни улица со нејзино име иако Битола немаше позаслужена женска фигура во периодот по Илинденското востание“, вели историчарот Никола Миновски.

    По неговото истражување, една битолска улица го доби името на Шумљанска. Се работи за голема хуманитарка наречена битолска Мајка Тереза, која по Илинденското востание  во Битола отворила Дом за сираци, во кој покрив над главата и парче леб добиле и децата на починатите македонски комити и војводи, меѓу кои и трите сирачиња на Питу Гули.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира