Иако звучи како сцена од холивудски филм, на властите не им требаше помош од Семујел Џексон, ѕвездата на „Змии во авион“, кога еден патник нашол змија под нозете по слетувањето на меѓународниот аеродром во Њуарк, Њу Џерси.
Локалните власти кажаа дека полицијата и обезбедувањето на аеродромот го пречекале авионот и ја отстраниле змијата, при што немало повредени.
„Патниците од бизнис класата почнаа да врескаат и да ги креваат нозете, додека авионот се паркираше на пистата“, изјави еден патник.
Авионот на компанијата „Јунајтед ерлајнс“ пристигнал од Тампа, Флорида и за разлика од филмот од 2006 година, инцидентот не се одрази врз работењето на аеродромот. Не е познато како змијата се нашла во авионот.