Сто административци, вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор преку програмата за правична застапеност, одбиле да ги потпишат решенијата за трансфер во соодветна јавна институција. Владиниот портпарол Муамет Хоџа кажа дека околу 90 отсто од вкупно 958 административци, кои биле вработени според програмата за правична застапеност, а кои досега не доаѓале на работа, веќе ги потпишале решенијата дека се согласуваат да се изврши трансфер на работното место и дека тие ќе бидат распределени на работа. Останатите кои не ги потпишале согласностите, ќе се најдат на трансфер листата за распределба во оние институции во кои ќе има потреба од ваков кадар.
Тој кажа дека по спроведената анализа во првата фаза биле исконтактирани 958 лица, а во втората и останатите до бројката од 1.600 вработени според Рамковниот договор.
„Од сите контактирани, околу 90 отсто ја потпишаа совојата согласност за трансфер во одредена институција. Се надеваме дека оваа прва фаза ќе се спроведе успешно и дека конечно ќе почнат со работа. Тие што не потпишале ќе бидат во трансфер листата во оние институции каде ќе има потреба од таков кадар. Како Влада и Секретаријат очекуваме дека сите ќе ги потпишат согласностите“, кажа Хоџа.
Овие административци скоро десет години се вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, примаат плата, но ниту еден ден не пошле на работа.
Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, и вицепремиерот Хазби Лика минатата недела соопштија дека првата фаза, односно систематизацијата на 958 лица, ќе биде завршена во рок од два месеци. Тие не кажаа кога ќе почне реализацијата на втората фаза, во која треба да се распределат над 650 вработени според Рамковниот договор кои примаат плата, а не одат на работа.
Е. БОЧВАРОСКА