127 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЛЕ НА ТЕРОРИСТИЧКИ ГРУПИ ВО СИРИЈА И ИРАК, 38 ЗАГИНАЛЕ, 69 СЕ ВРАТИЛЕ И 19 ОСТАНАЛЕ

    127 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЛЕ НА ТЕРОРИСТИЧКИ ГРУПИ ВО СИРИЈА И ИРАК, 38 ЗАГИНАЛЕ, 69 СЕ ВРАТИЛЕ И 19 ОСТАНАЛЕПрипадници на терористичката група Исламска држава во Сирија. (архивска фотографија)

    Од 127 возрасни лица кои престојувале во Сирија и/или Ирак, 38 биле убиени, 69 се вратиле во Македонија, а 19 останале, се вели во извештајот на американскиот Стејт Департмент за тероризмот во 2020 година, изготвен од Бирото за контратероризам.

    „Националниот комитет за борба против насилен екстремизам и тероризам проценува дека 143 македонски граѓани (без деца) претходно отпатувале или се обиделе да отпатуваат во Сирија и Ирак за да се приклучат на терористички групи. Од 127 возрасни лица кои престојувале во Сирија и/или Ирак, 38 биле убиени, 69 се вратиле во Македонија, а 19 останале“, се вели во извештајот.
    Според Стејт Департментот, главниот проблем во борбата со тероризмот во земјата е враќањето на терористичките борци дома. Понатаму, се укажува дека македонската легислатива е адекватна за кривичен прогон на лица осомничени за извршување или помагање на терористички активности или за учество во странски конфликти, но предизвик се ниските казни за дела поврзани со тероризам.

    Во извештајот се наведува случајот со задржувањето на три лица во Куманово во август 2020 година од страна на припадници на Секторот за насилен екстремизам на МВР и на уште осум други лица во декември лани, под сомнение за тероризам и поврзано со апсењата во август.

    „Секторот за тероризам и насилен екстремизам на Министерството за внатрешни работи ги предводеше напорите за борба против тероризам поврзани со спроведувањето на законот. Во август единицата уапси три лица во Куманово во заедничка операција со Агенцијата за национална безбедност. Тие сè уште не се обвинети за тероризам. МВР соопшти дека тројцата отслужиле затворска казна по нивната екстрадиција од Турција во 2016 година за обид да се приклучат на ИД, и, по нивното ослободување од затвор во 2019 година, подготвувале терористички напади во земјата и поседувале оружје и експлозиви. Единицата, заедно со АНБ, потоа уапси осум лица, три во Скопје и пет во Куманово, во декември, под сомнение за тероризам и во врска со апсењата во август“, стои во извештајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира