Генералното собрание на Обединетите нации со 128 гласа „за“, меѓу кои и Македонија, ја поддржа резолуцијата со која се повикуваат САД да го повлечат признавањето на Ерусалим за главен град на Израел. „Против“ беа 9 земји, а 35 не гласаа.
Усвојувањето на необврзувачката резолуција се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја укине финансиската помош за земјите кои ќе ја поддржат резолуцијата. Дополнително, американската амбасадорка во ОН Ники Хејли најави дека ќе забележува која земја како ќе гласа.
Од 28 земји од Европската унија, 22 ја поддржаа резолуцијата, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија.
Претходно месецов, Трамп соопшти дека неговата администрација го признава Ерусалим како главен град на Израел и ќе почне со процесот на преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.