Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека 14-месечното девојче кое вчера почина на Клиниката за детски болести, претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и истакна дека одговорност мора да има. Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе изврши вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести и Клиниката за респираторни заболувања кај деца Козле каде било лекувано 14-месечното дете.
„Вратено било за жал, дали по грешка или поради незнаење, тоа треба да се констатира. Не сакам јас да бидам судијата и да кажувам како треба да се постапи, затоа, утре треба во Министерството за здравство заедно со Државниот здравствен инспекторат да формираме комисија и веднаш да постапат да ги земат сите детали во предвид и на крај да се донесе одлука и да се даде до судските органи, понатаму да се донесе конечно решение како треба да се постапи, но лична одговорност мора да има. Дајте компетентните органи во државата да истражат во детали и на крај некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, рече денеска Таравари по партиското Собрание на жените во Алијанса за Албанците.
„Слободен печат“ вчера објави дека детето било неколку пати одбивано за хоспитализација, иако родителите го носеле во болницата. Секогаш било пуштано дома, без да биде хоспитализирано. Гледајќи дека се одбивани за хоспитален третман, родителите го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во Одделението за интензивна нега на Детската клиника.
Министерството за здравство вчера соопшти дека според информациите од Клиниката за детски болести, детето е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација и детето починало утрово. Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта.
Б. НЕСТОРОСКА