200 ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ЧЕКААТ ЗА ПОПРАВКА НА ЗАБИ ОТИ НА СТОМАТОЛОГИЈА ПОЛА ГОДИНА НЕМА АПАРАТ ЗА ОПШТА АНЕСТЕЗИЈА

    200 ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ЧЕКААТ ЗА ПОПРАВКА НА ЗАБИ ОТИ НА СТОМАТОЛОГИЈА ПОЛА ГОДИНА НЕМА АПАРАТ ЗА ОПШТА АНЕСТЕЗИЈА„Во тек е изработка на тендерска документација за набавка на нов апарат за општа анестезија, и се надевам дека за два месеци ќе го имаме и ќе може да работиме“, вели д-р Агим Караи, новиот директор на Клиниката за стоматологија. - Клинички центар

    Околу 200 деца со посебни потреби се на листа на чекање за оперативен зафат на Клиниката за стоматологија, бидејќи повеќе од половина година во оваа здравствена установа апаратите за општа анестезија се во дефект.

    Родителите на овие деца велат дека поправка на заби на нивните деца не можат да направат на друго место, бидејќи поради посебната здравствена состојба во која се, секој зафат на забите треба да се изведе со тотална анестезија. Тие објаснуваат дека во стоматолошките ординации не се прават вакви зафати, туку исклучиво на Универзитетската клиника за стоматологија.

    „На стоматологија за поправка на заби на деца со посебни потреби и онака се чека, бидејќи вакви зафати се правеа еднаш неделно, а сега воопшто не се прават оти не работеле апаратите за анестезија. На приватно може да ги однесеме само во две приватни болници, но таму само анестезијата чини од 7.000 до 8.000 денари, што не може секој да си го дозволи. Во нашето здружение реагираа неколку родители на деца со церебрална парализа, дека со месеци не можат да ги однесат децата на Клиниката за стоматологија и дека буквално децата живеат со страшни болки. По цела ноќ плачат и врескаат од болка, а родителите се немоќни да им помогнат“, велат од Здружението за церебрална парализа од Тетово.

    Агим Караи, новиот директор на Универзитетската клиника за стоматологија вели дека од двата апарати за општа анестезија кои ги има на детското одделение ниту еден не работи и дека штом стапил на функцијата пред околу еден месец веднаш се нафатил да го реши овој проблем.
    „Едниот апарат го поправале, потрошиле 5.000 евра, но докторите одбиваат да работат со него, бидејќи и по поправката имало ризичен случај и не сакаат да го ризикуваат животот на ниедно дете. Во тек е изработка на тендерска документација за набавка на нов апарат за општа анестезија, и се надевам дека за два месеци ќе го имаме и ќе може да работиме. Свесен сум дека ова е голем проблем, бидејќи имаме 200 деца на листа за чекање, и правиме напори да биде тоа што побрзо“, вели д-р Караи.

    Тој додава дека на Клиниката има куп проблеми, односно лифтот е во дефект, една ординација за ортодонција е со пропаднат под, бидејќи зградата е изградена на земјиште во кое пропаѓа.
    „Апаратите за анестезија се приоритет да се набават, а потоа и се друго што со години не е оддржувано“, вели Караи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари