Граѓаните од поплавените подрачја ќе добијат околу 200 евра по семејство од средствата собрани на двете сметки на Црвен крст, односно од сметката на Фондот на солидарност и од телефонските броеви на која беа донирани 63,8 милиони денари или 1.038.389 евра. Бројката на семејства на која им е потребна помош се движи од 4.000 до 4.500.
„Пријавувањето на граѓаните кои претрпеле штета е до петок, неофицијалната бројката на семејства на кои им треба помош е 4.000 – 4.500. Треба да ги почекаме официјалните податоци и потоа овие 63 милиони денари кои досега ги имаме собрано, ќе ги исплатиме линеарно. Ние ќе ги користиме резултатите добиени од комисиите кои се излезени на терен. Сметаме дека линеарниот начин на исплата на средства е најправеден и најхуман. По ист принцип ќе бидат распределени и средствата што дополнително ќе пристигнат“, изјави генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити.
Тој рече дека за поголема транспарентност при распределба на средствата била формирана Комисија за констатирање на состојбата со средствата, во која биле 13 лица претставници од компании кои најмногу донирале, граѓани од погодените подрачја, волонтери, претставници од надлежните институции.
За 550.000 евра донирани од австрискиот Црвен крст, Саити истакна дека планирани се активности за обука на локалното населените за справување со последици од природни катастрофи, психосоцијална поддршка и активности за поддршка на училиштата во погодените региони.
„ Од овие пари, на 300 најранливи категории на семејства ќе им бидат исплатени по 500 евра. Преку меѓународниот Црвен крст и Црвената полумесечина, обезбедивме 300.000 швајцарски франци кои ќе бидат искористени за храна и за хигиена и за обука на 3.000 лица за локалната самоуправа во погодениот регион во делот на справување со последици од природни катастрофи“, додаде Саити.
Во комисијата на Црвен крст присуствуваше и првиот човек на компанијата „Бучим“, Николајчо Николов, кој истакна дека средствата за прослава на Денот на рударите ги пренамениле за помош на граѓаните од поплавените подрачја и биле обезбедени дополнителни средства со што на граѓаните им помогнале со 100.000 евра.