23 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГРАНТ ОД САД ЗА ПОТТИК НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕВЕНТУАЛНО ВЛЕГУВАЊЕ ВО НАТО И ЕУ

    23 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГРАНТ ОД САД ЗА ПОТТИК НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕВЕНТУАЛНО ВЛЕГУВАЊЕ ВО НАТО И ЕУГречен Биркл, заменик помошник администратор на УСАИД за Европа и Евроазија на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски, рече дека иницијативите ќе помогнат Македонија да го забрза патот кон самоодржливост и евентуалното влегување во НАТО и Европската Унија. (Фото:К.Попов)

    Соединетите Американски Држави доделија грант од 23 милиони долари за поттикнување на развојот на Македонија.

    Гречен Биркл, заменик помошник администратор на УСАИД за Европа и Евроазија попладнево во Министерството за финансии, рече дека иницијативите ќе помогнат Македонија да го забрза патот кон самоодржливост и евентуалното влегување во НАТО и Европската Унија

    „Нашите проекти ќе имаат за цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно опкружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност. За да го промовираме учеството на граѓаните, нашите програми ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. За да го зајакнеме доброто владеење, ќе обезбедиме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. Ќе ги поддржиме активностите што ја подобруваат меѓуетничката интеграција и го зголемуваат вклучувањето на маргинализираните групи во општеството“, рече заменик помошник администраторот на УСАИД Гречен Биркл, на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски се заблагодари за помошта и поддршката што ја дава УСАИД за Македонија.

    „Договорот е особено важен. Средствата се наменети за активности кои ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството“, рече министерот Тевдовски.

    На доделувањето на неповратните средства од САД, присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.

    УСАИД од 1993 година до денес во Македонија имаат инвестирано 640 милиони долари, во програми кои во Македонија создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализираните групи.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира