23 МИЛИОНИ ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ ВО БУЏЕТОТ ПОРАДИ НЕВРАТЕНИ ПАРИ ОД ВЛАДИНИТЕ МЕРКИ ЗА ПОМОШ ПРИ КОВИД, УТВРДИ ЗАВОДОТ ЗА РЕВИЗИЈА

    23 МИЛИОНИ ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ ВО БУЏЕТОТ ПОРАДИ НЕВРАТЕНИ ПАРИ ОД ВЛАДИНИТЕ МЕРКИ ЗА ПОМОШ ПРИ КОВИД, УТВРДИ ЗАВОДОТ ЗА РЕВИЗИЈАСпоред ревизијата, работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање. (Фото: К. Попов)

    Намaлени приходи во државниот буџет од 1.437.005 илјади денари или околу 23 милиони евра, констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) како последица на невратени средства кон државата од физички и правни лица кои користеле мерки од владината помош за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19.

    Ревизорите утврдиле дека институциите во земјава не располагаат со целосни податоци по основ на вратена финансиска поддршка по корисници во утврдените рокови и износи во државниот буџет. Според ревизијата, работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање, што има за ефект помалку вратени средства во буџетот во износ од 988.307 илјади денари.

    Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во Буџетот во износ од 448.698 илјади денари.

    „Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари или околу 23 милиони евра“, се потенцира во соопштението на ДЗР.

    Со ревизијата биле опфатени 36% од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П – Мерки за справување со ковид-19 кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои се реализирани 11.512.447 илјади денари. Според податоците од Агенција за вработување, од почетокот на пандемијата до 31.12.2020 година своите работни места ги изгубиле вкупно 17.022 работници.

    Ревизијата покажа дека креирањето на мерките за помош било спроведено во отсуство на стратешко планирање со јасно дефинирани цели и индикатори за успешност. Постои висок степен на реализација на мерките, но од друга страна има разлики во податоците што ги даваат различни надлежни институции за број на корисници и искористени средства. Отсуствува сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата по мерки.

    УЈП утврдила дека дека одреден број на работодавачи- корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените. Такви работодавачи до јануари 2022 имало 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари. Исто така, ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53% од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дел од работодавачите да искористиле средства без исполнување на предвидени услови со уредбите и законите.

    Од Заводот посочуваат дека е потребно подобрување на ефикасноста на надлежните институции во планирањето и спроведувањето на идни вакви мерки. За време на ковидот, Владата донесе шест пакети со мерки за помош и тоа субвенционирање на придонеси, плати, финансиска поддршка за физички лица со самостојна дејност, паричен надоместок оние кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020, поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза – спортисти, самостојни уметници и културни работници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира