25 СЕМЕЈСТВА КОИ ЖИВЕАТ ПОД МОСТ НА ВАРДАР, ПОБЕДИЈА ВО КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВОТО ПРАВО НА ДОСТАПНОСТ НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    25 СЕМЕЈСТВА КОИ ЖИВЕАТ ПОД МОСТ НА ВАРДАР, ПОБЕДИЈА ВО КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВОТО ПРАВО НА ДОСТАПНОСТ НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕСе работи за 80-тина најмаргинализирани граѓани во општеството, кои живеат под мостот „Топлификација“ (во близина на мостот „Беласица“), на левиот брег на Вардар. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), од страна на ЈП „Водовод и канализација“ и од општина Гази Баба, институции под градоначалничката Данела Арсовска и градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стефковски, утврди директна дискриминација врз 25 семејства, лишувајќи ги од основното човеково право на пристап до чиста вода за пиење.

    Се работи за 80-тина најмаргинализирани граѓани во општеството, кои живеат под мостот „Топлификација“ (во близина на мостот „Беласица“), на левиот брег на Вардар, а имаат само една стара чешма без притисок, никогаш бактериолошки испитана.

    Овие ромски семејства, кои живеат во многу тешки услови и во импровизирани објекти, преку невладина организација поднеле претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, имотен статус или друг основ во областа на пристап до добра и услуги.

    КСЗД побарала мислење од ЈП „Водовод и канализација“ и од општина Гази Баба, на чиј реон живеат овие екстремно сиромашни луѓе уште од 1975 година. На толку проекти, на декади, стратегии за Ромите, бесконечни лажни ветувања од сите власти, овие луѓе досега не добиле ни канализација на местото, а не пак топол дом или други права.

    80-тина Роми имаат само една стара чешма без притисок, никогаш бактериолошки испитана. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Општината се правда дека овие импровизирани објекти биле на планирана улица со Генералниот урбанистички план, а дека за местото немало донесено Детален урбанистички план. Натаму, одговорноста ја насочува кон Министерството за труд и социјална политика, бидејќи немале буџет за домување на најранливите групи граѓани на нивна територија.

    Министерството ја известило Комисијата дека има обезбедено домување во Чичино село и во домот „Ранка Милановиќ“, но дека таму доброволно и само со лична согласност се сместуваат граѓани, а не со сила.
    ЈП „Водовод и канализација“, пак, се правдале пред КСЗД дека тие се само за одржување на хидротехничката инфраструктура, за санација и за дефекти, а не и за изградба. Изградбата на водоводен крак, посочиле дека е работа на Општината.

    Комисијата во врска со утврдената директна дискриминација од „Водовод“ и општина Гази Баба, ја донесе следната препорака, кој треба да се реализира во рок од 6 месеци:

    1. ЈП „Водовод и канализација“ во соработка со општина Гази Баба да обезбеди пристап до вода во неформалната населба . Пристапот до вода да се обезбеди преку привремено решение со кое ќе се обезбеди пристап до вода на сите лица, т.е. семејства кои живеат во неформалната населба.
    2. Препораката е во насока на отстранување на дискриминацијата и спречување на можна идна дискриминација што недостигот на вода може да ја предизвика во областите образование, здравје, вработување и пристап до јавни добра и услуги.
    3. Препораката треба да се изврши најдоцна за 6 месеци од денот на приемот на ова мислење и за тоа да се извести Комисијата.

    Во спротивно, двете институции ќе бидат дадени на суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира