3.000 ГРАЃАНИ ТРЧАА ВО СЕДУМ ГРАДОВИ ЗА ПОМОШ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“

    3.000 ГРАЃАНИ ТРЧАА ВО СЕДУМ ГРАДОВИ ЗА ПОМОШ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“Хуманитарната трка „Сите за Кочани-трчаме заедно“ се одржа и во Велес, покрај Скопје, Битола, Тетово, Струмица, Струга и Крива Паланка. (Фото: СДК.МК)

    Над 3.000 граѓани во седум градови денеска истовремено трчаа за Кочани во рамките на одбележувањето на Денот на Европа. Хуманитарната трка „Сите за Кочани-трчаме заедно“ се одржа во Скопје, Битола, Тетово, Струмица, Велес, Струга и Крива Паланка во знак на сеќавање на 62-те жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март и за помош на околу 200 повредени.

    „Процесот на лекување и тагување е долг и тежок. За семејствата ова е најтешкиот период. Ние сме тука за да испратиме силна порака на солидарност“, изјави Михалис Рокас, амбасадорот на ЕУ во земјава.

    Меѓу учесниците имаше и деца, кои рекоа дека учествуваат за да им помогнат на нивните врсници од Кочани кои се лекуваат од повредите.

    Во сите градови беа доделени признанија на најдобрите во машка и во женска конкуренција.

    Трката беше организирана од Делегацијата на Европската Унија и мрежата Европска куќа по повод Денот на Европа, со цел собирање средства за семејствата на настраданите во кочанската трагедија. Средствата од котизациите ќе бидат донирани на Црвениот крст и насочени кон поддршка на заедницата во Кочани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира