Државната изборна комисија (ДИК) го усвои Роковникот за спроведување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 11 декември.
Според Роковникот, Избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28 октомври, а ќе трае до 11 ноември. На 21 ноември, ДИК ќе го заклучи Избирачкиот список, а на први декември треба да ги потпише изводите од Избирачкиот список.
За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат 30.447 гласачи кои беа избришани од Избирачкиот список.
Пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство ќе започне од утре, преку посебна веб апликација на ДИК. Пријавувањето и на овие граѓани ќе трае исто така до 11 ноември.
Листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати треба да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ, а ждрепката за редоследот треба да се одржи на 20 ноември. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.