30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 24 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, МЕЃУ НИВ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПАПАЗОВ

    30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 24 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, МЕЃУ НИВ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПАПАЗОВВкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица. (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Кочани одреди мерка 30 дена притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителство бараше изрекување на мерката во рамки на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, потгврдија од судот за државната агенција МИА. Во пожарот минатиот викенд загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени.

    Меѓу 24-те лица на кои им е одреден притвор се и тројца градоначалници на Кочани. Станува збор за градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.

    Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.

    Во првата фаза од постапувањето на МВР и Обвинителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.

    Коцевски претходно на прес-конференција кажа дека со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира