31 ОТСТО ОД ГРАЃАНИТЕ НАД 18 ГОДИНИ ВАКЦИНИРАНИ СО БАРЕМ ЕДНА ДОЗА ПРОТИВ КОВИД-19

    31 ОТСТО ОД ГРАЃАНИТЕ НАД 18 ГОДИНИ ВАКЦИНИРАНИ СО БАРЕМ ЕДНА ДОЗА ПРОТИВ КОВИД-19Најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во  Скопје - 159.514 и во Битола - 35.067. (Фото: СДК.МК)

    До 1 август во земјава со барем една доза вакцинирани се 31 отсто од граѓаните над 18 години. Според податоците објавени од Министерството за здравство кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот е 61,2%, додека кај лицата над 70 години 64,9%.

    Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во  Скопје – 159.514 и во Битола – 35.067. Со примена прва доза во Тетово вкупно има 31.007 граѓани. Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип. Во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Свети Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

    Процентуално според бројот на жители најмногу вакцинирани граѓани има во Кавадарци. Според податоците од Министерството за здравство објавени на 20 јули во Кавадарци 43,5 отсто од населението е вакцинирано против ковид-19, а веднаш зад него е Охрид со 42,9 отсто вакцинирано население. Најмалку вакцинирани има во Кичево 15,8 отсто, како и во Тетово 17,1 и Дебар 17,3 проценти. Во Скопје процентот на вакцинација е 30,8 отсто.

    „Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат. Апелираме на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот“, велат од Министерството за здравство.

    Вакцинацијата се врши со вакцините „Синовак“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“.

    Во моментов во земјава активни се 613 случаи на ковид-19. Најмногу позитивни граѓани има во Скопје 184 и Тетово 177, а потоа следуваат Куманово со 67 и Гостивар со 47.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира