36-годишниот пациент од Скопје кој вчера почина од коронавирус не бил вакциниран, а имал дијабет и други хронични заболувања, соопштија од Министерството за здравство.
„Пациентот во својата историја има дијабет тип 2, обезност и кардиоваскуларна болест. Не бил вакциниран. Примен на болничко лекување на 18 февруари во многу тешка состојба со ниска сатурација и со развиена масивна пневмонија. И покрај максималните напори на докторите, за жал, починал во текот на вчерашниот ден“, соопшти Министерството.
Бројот на починати последниве недели се намалува, вчера беа евидентирани седуммина. Минатата недела имаше 44 смртни случаи во 17 градови, што е намалување за 35,3 проценти во однос на претходната седмица. За време на цела пандемија има вкупно 9.086 смртни случаи. Најголем дел на возраст над 60 години (83,1%). Кај 7.120 (82,9%) од починатите се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларни, дијабет и белодробни заболувања.
Ж. ЗДРАВКОВСКА