36 МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС САМО ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    36 МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС САМО ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“„Персоналот во '8 Септември' го издржа првиот бран и еве веќе 4 месеци работат без престан, и се чувстува веќе и физички и психички замор. Најтешко им е на медицинските сестри, кои дежураат по 24 часа, и се менуваат по 4 часа работат во целосната заштитна опрема со скафандерите“, вели д-р Мите Николов, раководител на Одделот за анестезија и реанимација во Болницата, кој е меѓу тие доктори за кои се чека резултат. - Д-р Николов на прославата на 9 Мај - Денот на Европа со колешки од Ковид-центарот (Фото: K. Попов)

    Во Градската општа болница „8 Септември” има 36 медицински лица заразени со коронавирус, според последните податоци од Министерството за здравство. Од нив шестмина се доктори, од кои тројца анастезиолози и тројца интернисти. Заразени се и 25 медицински сестри, сите ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи. Исто така, заразени со коронавирусот се и 5 болничари.

    Д-р Мите Николов, раководител на Одделот за анестезија и реанимација во болницата вели дека двајца анестезиолози се потврдени позитивни, а за уште четворица анестезиолози се чекаат резулати од контролен тест. И тој е меѓу лекарите за кои се чека резултат.

    „Добро сум, немам никакви симптоми, но денес ги очекуваме резултатите од контролните тестови, иако првите беа негативни“, вели докторот.

    Доктор Николов вели дека во болницата има 11 анестезиолози, а од скоро се вработени и две докторки анестезиолози со преземање од една приватна болница. На помош им дошле и двајца анестезиолози од Клиничкиот центар.

    „Персоналот во ‘8 Септември’ го издржа првиот бран и еве веќе 4 месеци работиме без престан. Се чувствува веќе и физички и психички замор. Најтешко им е на медицинските сестри, кои дежураат по 24 часа, и се менуваат ба секои 4 часа, оти работат во целосната заштитна опрема со скафандерите. Ние денес ги чекаме резултатите, се надеваме дека сѐ ќе биде добро и ќе можеме да се вратиме на работа и да помогнеме“, вели докторот.

    Тој апелира до граѓаните дека мора да се почитуваат мерките за заштита, како носење маски, лична хигиена, дистанца и дека само така ќе си помогнеме заедно во битката со коронавирусот. Доктор Николов потенцира дека покрај мерките за заштита, граѓаните особено треба да внимаваат и да го чуваат имунитетот, а посебно лицата над 60 години.

    Од Министерството за здравство велат дека во изминатите денови со кадар се засилени Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како и Градската општа болница (ГОБ) „8-ми Септември“ во Скопје. На Инфективната клиника по систем на ротација дојдени се пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, ендокринологија и Институтот за туберкулоза. Еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид. Вкупно 27 медицински сестри од Специјалната болница „Јасеново“, болницата во Кавадарци, Кочани и од Кичево.

    Во ГОБ „8 Септември“ тимот се зајакна со шест доктори – двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од болницата во Отешево и болницата во Гостивар. Ова установа се зајакна и со дваесет медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија, и Специјалната болница „Лешок“.

    Откако е прогласена вонредната состојба, болницата „8 Септември“ и практично целосно функционира како инфективна клиника, иако таму се вработени само двајца инфектолози, а сите десетина матични анестезиолози се ангажирани на Одделот за интензивна нега за КОВИД-19.

    На Клиниката за инфективни болести во моментов има вработени заразени со коронавирусот. Од Министерството за здравство велат дека еден е контакт од прослава од Ифтар каде се земени контролни брисеви и една медицинска сестра е болна.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира