Од 20 до 26 ноември, под слоганот „Грижи се за себе“, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА ја одбележува Европската недела на тестирање, за да ги охрабри мажите редовно да се тестираат и грижат за своето сексуално и репродуктивно здравје.
„Ги охрабруваме момчињата и мажите кои се сексуално активни да дојдат во нашиот младински центар ‘Сакам да знам‘ на Водно за бесплатен преглед кај дерматовенеролог и да направат пакет бесплатни тестирања за сифилис, гонореја и кламидија, како и брз тест за ХИВ. Тестирањата се бесплатни и доверливи, а резултатите готови за 20 минути. По потреба, можат да добијат и доверливо советување за сексуално и репродуктивно здравје и да си земат информативни брошури и кондоми“, изјави Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.
Според д-р Велимир Савески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, не можеме да зборуваме за потполна физичка, психичка и социјална благосостојба ако го занемаруваме сексуалното и репродуктивното здравје.
„Европската недела на тестирање е само потсетник дека на тестирањето за сексуално преносливи инфекции треба да се гледа како на дел од грижата за сопственото здравје. Вакви тестирања, вклучително и за ХИВ, можат да се направат и во амбулантата за ХИВ на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, анонимно и доверливо. Она што ја прави нашата амбуланта различна од останатите е поддршката што секој пациент ја добива од психолог и социјален работник“, рече Савески.
Сексуално преносливите инфекции (СПИ) многу често остануваат непрепознати бидејќи немаат симптоми. Но, дури и кога ги има, се случува да се занемаруваат поради срамот и сеприсутните табуа поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје.
„Недоволната грижа за здравјето меѓу мажите во голема мера се должи на начинот на кој тие се социјализирани уште од најрана возраст. Поради општествено конструираниот став дека мора да бидат силни и ‘машки‘ да се носат со животните предизвици, момчињата се учат дека не треба да ги покажуваат и да разговараат за чувствата, ниту да бараат помош и поддршка. Па така, кога е во прашање сексуалното и репродуктивното здравје, често се случува да избегнуваат да одат на редовни прегледи и тестирања, што доведува до сериозни ситуации и болничко лекување“, велат од ХЕРА
Еден показател за тоа е податокот дека секое трето лице кое има ХИВ во земјава не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно.
Уште еден показател за ниската свесност, како што велат од ХЕРА, е загрижувачката стапка на (не)користење заштита при сексуалните односи кај младите. Најголемиот дел од младите на возраст меѓу 20 и 24 години (36%) практикуваат незаштитени сексуални односи, што може да доведе не само до непланирана бременост, туку и до сексуално преносливи инфекции. Токму затоа, покрај бесплатни и доверливи тестирања за СПИ, младинските центри „Сакам да знам“ на Водно и во Шуто Оризари обезбедуваат и бесплатни кондоми.