40 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО ВО ЗЕМЈАВА НАД 70 ГОДИНИ ПРИМИ ЕДНА ДОЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

    40 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО ВО ЗЕМЈАВА НАД 70 ГОДИНИ ПРИМИ ЕДНА ДОЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 175.620 граѓани. - Вакцинален пункт во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Четириесет отсто од населението над 70 години во земјава имаат примено барем една доза вакцина против ковид-19 и 33% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.

    На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 175.620 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.445 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.721 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 207.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 31.599 граѓани. На веб платформата vakcinacija.mk пријавени се 376.987 граѓани.

    На Регионалниот вакцинален пункт во Тетово има гужва пред влезот, но не и турканици. Полицијата и војската одржуваат ред, но немаат многу работа. Во салата сѐ оди како што треба, се запазуваат протоколите и нема чекање. Голем број лица трпеливо чекаат да им дојде редот за вакцинација. Нема нервоза, а за постарите лица обезбедени се и столици за полесно да им биде чекањето.

    Во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Штејх“ во Тетово, каде е сместен Регионалниот вакцинален пунк, вакцинирањето се одвива на 18 пунктови. Всушност, било предвидено да има 20 вакцинални пунктови, но на два уште се чека да се достават. Сепак, ова не претставува пречка вакцинирањето да се одвива непречено, а надлежните велат дека од 3 мај, кога овде почна вакцинирањето, па досега, вакцинирани се 10.000 лица што е според предвидениот план.

    Нема нервоза на пункотот во Тетово, а за постарите лица обезбедени се и столици за полесно да им биде чекањето. (Фото: СДК.МК)

    „Вакцинацијата во регионалниот вакцинален пункт Тетово тече непречено. Заклучно со денес на овој регионален пункт се вакцинирани 10.000 граѓани. Песимистичкото расположение кај лицата кое беше присутно на почетокот од вакцинацијата, веќе го нема и има се повеќе граѓани кои сакаат да се вакцинираат. Старосната граница се одредува од ‘Мој термин’ според бројот на пријавени. Заклучно со 13 мај беа повикани сите што закажале термин до 30 април. Тогаш дури беа повикани и граѓани од 18 години па нагоре кои биле пријавени. Сега за месец мај повторно се вакцинираат повозрасните лица кои се пријавени. Вчера се вакцинираа лицата на возраст од 40-72 години, а денес и утре се вакцинира повозрасна група. Се оди според редоследот на пријавување на vakcinacija.mk. Во овој момент вакцинирањето оди со кинеската вакцина на ‘Синофарм’“, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствениот дом во Тетово.

    Од пријавувањето па до добивањето покана за вакцина обично поминуваат 12 дена, но ако има помал број пријавени може и побрзо да се добие известување за вакцинирање. Дневно се вакцинираат толку лица колку што за тој ден се пријавени, така имало денови кога имаше и преку 1.200 вакцинирања. Вчера и денеска, според категоризацијата, има околу 550 до 600 лица што се пријавени од соодветната возрасна група во претходните две недели. На овој вакцинален пукт се вакцинираат и жителите на Тетово, Гостивар и Маврово-Ростуше и доколку некој граѓанин од друго место се пријавил овде да се вакцинира.

    Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фазјер“, „АстраЗенека“ и на „Синофарм“. Вчера стигнаа 9.360 дози вакцини од производителот Фајзер. Од нив 4.680 се преку директен договор со производителот, а сстанатите 4.680 дози вакцини се добиени преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.

    Од почетокот на заразата со ковид-19 па заклучно со вчерашниот ден во Тетовскиот Регион регистрирани 7.189 заболени лица, 6.739 се оздравени, а активни се 118 случаи. До сега има 305 починати, од кои тројца само во минатиот ден меѓу нив и едно лице на 46-годишна возраст.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира