Денес во пунктовите за имунизација во Скопје биле вакцинирани 488 деца со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) соопшти Министерството за здравство.
„Пунктовите за вакцинација во поликлиниките ‘Јане Сандански’, ‘Бит Пазар’, и ‘Букурешт’ ќе работат и утре до 19 часот. Напоменуваме дека сѐ уште е на сила забраната за прием на невакцинирани деца во градинка“, велат од Министерството за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денес дополнително испратил решенија до сите приватни градинки дека е забрането да примаат деца кои не се вакцинирани за мали сипаници, откако вчера попладне беше прогласена епидемија на територијата на Скопје.
Директорката на ДСЗИ Ирина Бухова-Сотирова вели дека вчеравечер вакви решенија пратиле до 21 јавна установа за згрижување деца во предучилишна возраст, кои пак имаат од 3 до 5 клонови и до пет приватни градинки. Во текот на денот, по реакции од родителите дека децата во приватните градинки ги примаат и невакцинирани и дека дел од нив сакаат да ги префрлат децата во приватни градинки, ДСЗИ добил целосна листа на приватни градинки од Министерството за труд и социјална политика.
„Ние го немаме целиот список на приватни градинки, и не е е наша обврска да го имаме. Листата што денес ни ја пратија од Министерство за труд и социјална политика, покрај јавните градинки има 21 приватна градинка и 6 градинки кои функционираат во рамки на високообразовни установи и образовни установи. Во текот на денот испратени се решенија и до нив дека е ставена забрана да примаат невакцинирани деца, а во текот на утрешниот ден ќе информираме за контролите направени и кај нив“, рече Бухова-Сотирова.
Е. БОЧВАРОСКА