Загрижувачка е состојбата за бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата, во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Оттаму велат дека извршиле ревизија на успешност на темата „Безбедност во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“ со цел да дадат одговор на прашањето „Дали надлежните институции управуваат со безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата на ефикасен начин?“.
„Оценивме дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и европско ниво“, стои во извештајот, базиран на јавно достапните податоци од веб-страната на МВР .
Ревизорите велат дека Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата.
„За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности“, стои во извештајот.
Целта на Втората Национална стратегија била: бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30 oтсто, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% , а бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.
„Утврдивме дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ. Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата ‘млад возач’. Бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица. Бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, велат ревизорите.
Aнализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици: се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на: брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.
Најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%, Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.
Во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители.
Во периодот по 2020 не е изготвена нова, трета национална стратегија. Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции.
Национална транспортна стратегија (НТС) 2018-2030 е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт. За изработка на НТС потрошени се 12,9 милиони денари (210.000 евра), обезбедени од ЕУ преку програмата ИПА.
„Во извештајот на Транспортната заедница за 2023 година, нотирано е ниско ниво на вкупниот напредок во спроведувањето на Акцискиот план за безбедност на патиштата во РСМ, кое пред сè се должи на недостиг од национална стратегија за безбедност на патиштата за период 2021 – 2030 година, како и незавршени активности за измена на законската регулатива и формирање на Агенција за безбедност на патиштата“, заклучуваат ревизорите.