47-ГОДИШНА ЖЕНА ДОБИ НОВА АХИЛОВА ТЕТИВА ОД БАНКАТА НА ТКИВА ОД ПОЧИНАТИ ДАРИТЕЛИ

    47-ГОДИШНА ЖЕНА ДОБИ НОВА АХИЛОВА ТЕТИВА ОД БАНКАТА НА ТКИВА ОД ПОЧИНАТИ ДАРИТЕЛИТрансплантацијата ја изведоа доц. д-р Александар Савески, д-r Бојан Будиќ под водство на д-р Ерен Сејфула. (Фото: Клиника за ортопедски болести)

    На Клиниката за ортопедски болести на 19 декември беше извршена трансплантација на ахилова тетива од банката на ткива од починати дарители, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК, асистент  д-р Милена Богојевска-Доксевска, координаторка за трансплантација на Клиниката.

    Интервенцијата е извршена кај 47-годишна пациентка, со стара повреда на Ахилова тетива. Пациентката е со уреден постоперативен тек. Трансплантацијата е изведена под водство на д-р Ерен Сејфула, заедно со д-р Александар Савески и д-р Бојан Будиќ, анестезиолог д-р Лилјана Ангелевска.

    Ова е трета по ред трансплантација на Ахилова тетива, претходните две биле изведени годинава,  првата од доц. д-р Антонио Гавриловски во  јуни, а втората во септември од проф. д-р Зоран Божиновски.

    „Кај застарени или превидени повреди на Ахиловата тетива доаѓа до појава на поголем дефект на тетивата кој не може да биде саниран со едноставно шиење на краевите на истата. Пациентите се со отежнато движење и нефункционалност на ногата. Со можноста да се употреби графт од починат донор се создава можност за враќање на нормалното движење на пациентите. Овие процедури не би биле можни без филантропијата на семејствата и донорите. Еден починат донор може да спаси неколку животи, а да го подобри квалитетот на живот кај дузина пациенти. Развивањето и перзистирањето на мултиорганското органодарителство кај нас е битен отскок и придобивка за македонското здравство и пациентите“, ни рече асистент д-р Богојевска-Доксевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира