48 АМЕРИКАНСКИ ВОЛОНТЕРИ ОД 23. ГРУПА НА МИРОВНИОТ КОРПУС ЌЕ ПОМАГААТ ВО 35 ОПШТИНИ

    48 АМЕРИКАНСКИ ВОЛОНТЕРИ ОД 23. ГРУПА НА МИРОВНИОТ КОРПУС ЌЕ ПОМАГААТ ВО 35 ОПШТИНИАмериканскиот амбасадор Џес Бејли рече дека волонтерите ќе ја пренесат и претстават американската култура овде, и дека ќе ја научат, а потоа и пренесат македонската култура и дека така се градат мостови на соработка (Фото: Министерство за труд и социјална политика)

    Свечена заклетва денес положија 48 американски волонтери од Мировниот корупус, кои ќе работат во основни и средни училишта, во дневни центри за деца со пречки во развојот, ќе ѝ помагаат на локалната самоуправа во 35 општини низ Македонија.

    Американскиот амбасадор Џес Бејли кажа дека како амбасадор во Македонија една од најзначајните работи била и работата на младинските и детските кампови во кои работеа волонтерите од САД, со помош на кои биле отворени 13 летни кампови за деца само оваа година. Тој кажа дека волонтерите се тие што треба да ја пренесат американската култура овде, но потоа по завршување на службата и македонската култура во САД и дека така создаваат мостови на соработка.

    „Пред да ја дадете заклетвата сакам да објаснам како таа настанала. Претходно луѓето се колнеле пред императорите и царевите, но пред 200 години се договориле заклетвата да ја дада на парче хартија, односно на уставот кој е чувар на демократијата и нè потсетува на врската меѓу владата и луѓето на кои им служиме“, рече Бејли.

    Ова е 23 група на волонтери од САД што доаѓаат во Македонија преку мировниот корпус. Првата група од 7 волонтери почна со работа во 1996 година на барање на македонската Влада и биле ангажирани во училиштата. Вкупно досега во Македонија служеле 750 американски волонтери.

    Волонтерите од 23. група претходно поминаа тримесечна обука, а како дел од обуката тие живееја во семејства во Свети Николе, Лозово, Росоман, Теарце и Неготино, каде учеа македонски и албански јазик, како и за културата на локалното население. Нивната служба ќе трае две години. Тие доаѓаат од 26 различни сојузни држави во САД.

    Тие се заблагодарија на семејствата кај кои поминаа 11 недели, на нивните тренери и наставници и кажаа дека очекувале тие да дојдат и да им помагаат на луѓето, а всушност тие биле оние на кои им е потребна помош за да го научат јазикот, културата и да се адаптираат. Волонтерката Елејна Круз на виолина ги изведе македонските песни „Јовано Јованке“ и „Македонско Девојче“, а волонтерите Ејми Кејт Бирн и Лукас Дедмон на македонски и на албански јазик им се заблагодарија на своите домаќини, на своите тренери и наставници за гостопримството и помошта за време на тримесечната обука.

    „Кога дојдов овде прв пат како волонтер не знаев многу за земјата, освен дека е многу студена. Од дома зедовме кебиња и разни работи за да не нѝ студи. Но, една од моите тренери ни вели не, во таа земја луѓето живеат над 1.000 години и никој не смрзнал од студ и таму имаат кебиња, и нè натера да ги вратиме. Службата во Мировниот корпус што ја воспостави претседателот Џон Ф. Кенеди во 1961 не е лесна, но затоа ќе ви обезбеди богат и пристоен живот. Ќе имате предизвици, отсуство на семејството и пријателите, но ќе стекнете нови пријатели искуства и знаење“, рече директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин.

    Министерот за образование Арбор Адеми кажа дека волонтерите од САД ќе работат во основните и средните училишта и дека поддршката што ќе ја добијат наставниците во руралните и урбаните средини всушност е најголема помош за децата.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека соработката со мировниот корпус трае од 2015 година и дека волонтерите со вработените во дневните центри за деца со попреченост ќе придонесат подобра програма за работа со нив.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари