50 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ВО СКОПСКИТЕ ГРАДИНКИ СЕ НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА ДИТЕПЕР, ВО ВНАТРЕШНОСТА СЕ ВАКЦИНИРАНИ НАД 95 ОТСТО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ

    50 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ВО СКОПСКИТЕ ГРАДИНКИ СЕ НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА ДИТЕПЕР, ВО ВНАТРЕШНОСТА СЕ ВАКЦИНИРАНИ НАД 95 ОТСТО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ„Лично сметам дека е поразителен факт за ова општество“, рече Младеновска. (Фото: Принтскрин од видео)

    Педесет отсто од децата кои одат во градинките во Скопје се невакцинирани со ДиТеПер или се нецелосно вакцинирани, а низ Македонија опфатот со оваа вакцина е над 95 отсто, рече денеска Рената Младеновска, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

    Од понеделник оваа недела е забранет прием на невакцинирани или некомплетно невакцинирани деца со ДиТеПер вакцината во цела држава, и во државните и во приватните градинки.

    Младеновска кажа дека сите инспектори во Скопје вчера започнаа да ги вршат вонредните инспекциски надзори согласно одлуката од министерот за здравство Илир Демири.

    „Првичните информации од терен се дека скоро 50 проценти од децата кои посетуваат градинки на територија на град Скопје се невакцинирани или нецелосно вакцинирани со ДиТеПер вакцината, и лично сметам дека тоа е поразителен факт за ова општество. Вчера исто така одговорните лица на градинките ни ги доставија списоците со невакцинирани деца и од таму ни се и бројките. Сметам дека оваа акција треба да продолжи, продолжува и денеска и во следните денови. Директорите на градинките ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, а дали ќе биде така ќе провериме денеска и во следните денови“, рече Младеновска.

    Во однос на другите градови низ Македонија, првичните информации се дека во другите градови има покриеност со имунизација на ДиТеПер во предучилишна возраст во скоро над 95 отсто.

    „Во другите градови, во внатрешноста на државата родителите се одговорни и ја почитуваат обврската да го вакцинираат детето согласно календарот за имунизација. Очигледно е дека проблемот е тука, во градот Скопје“, рече таа.

    На новинарско прашање дали вакцинирано дете треба да седи дома 21 ден или веднаш по имунизацијата да се врати во градинка, директорката на ДСЗИ рече дека од нивна страна таква мерка не е пропишана.

    „Ниту ДСЗИ, ниту Комисијата за заразни болести, ниту министерот за здраввство издала таква мерка. Апсолутно е неточно дека треба да се седи дома 21 ден по примена вакцина“, рече Младеновска.

    Таа кажа дека исто како беше и со епидемијата на морбили, подеднакво исто постапуват, и за оние деца кои поради оправдани здравствени состојби не смеат да се вакцинираат, за нив е валиден картонот кој е потпишан од специјалистичко-конзилијарно мислење од Клиниката за детски болести.

    Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

    Во Македонија до 7 март се регистрирани 173 болни од голема кашлица, од кои 151 во Скопје, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира