500 ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ПЛАТЕНИ ОД ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО РЕДОВНАТА НАСТАВА

    500 ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ПЛАТЕНИ ОД ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО РЕДОВНАТА НАСТАВАЗа ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 обезбедени се 59 милиони денари. (Фото: МОН)

    Во училиштата од 1 септември од државата ќе бидат ангажирани 500 образовни асистенти за учениците со попреченост кои посетуваат редовна настава, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Ова е за првпат тие да се платени од државата, изминатите учебни години беа ангажирани со пари од странски амбасади или невладини организации.

    Образовните асистенти кои ќе се ангажираат се веќе вработени во петте основни училишта со ресурсен центар и тоа по 130 во „Д-р Златан Сремац“ и „Иднина“ од Скопје, додека по 80 во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева-Овчарова“ од Велес.

    „ Верувам во капацитетите и квалитетите на новите стручни соработници кои во новата учебна година ќе им помагаат на наставниците и на инклузивните тимови во работата со учениците со попреченост, но и ќе работат со сите останати деца во училниците заради подигнување на свеста и прифаќањето на оние кои имаат посебни образовни потреби“, рече Царовска по денешната обука наменета за образовните асистенти кои беа избрани на конкурсите за вработување што минатиот месец ги спроведоа петте основни училишта со ресурсни центри во државата, а која се одржа во ОУРС „Иднина“ во Oпштина Чаир.

    Асистентите од обучени тренери ќе добијат подетални насоки околу начинот на кој треба да постапуваат и околу тековните обврски што ќе бидат дел од описот на нивното работно место. По завршувањето на обуките, и наставниците од училиштата каде има запишани ученици со попреченост ќе поминат обука за инклузивно образование, а во моментов во тек се и обуки за инклузивните тимови во училиштата кои ги спроведуваат партнерски организации од граѓанскиот сектор со финансиска поддршка од ЕУ.

    За спроведување на услугата „образовна асистенција“, односно за ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59 милиони денари, а дополнително основните училишта со ресурсни центри добија 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира