Педесет и осум лица кои беа повредени во пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“ веќе носат компресивна облека и имаат видиливи позитивни промени на лузните, рече д-р Катерина Папиќ-Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани.
Во пожарот загинаа 62 лица, околу 200 беа повредени, а уште 10 се на болничко лекување, по петмина во Македонија и во странските медицински центри.
На денешната прес-конференција во Владата, д-р Папиќ-Мирчовска, за компресивната облека кажа дека пациентите ќе мора да ја носат 2 години, дека ќе се менува согласно препораките, и дека уште на 14 пациенти им се земени мерки за компресивна облека.
„Компресивната облека им дозволува да ги вршат секојдневните активности, да одат на физикална терапија. Тие се со заштитен фактор 30“, рече директорката.
Во Кочанската болница се стигнати и креми за пациентите со изгореници, како и 95 лепенки, а динамиката ќе се одвива во зависност од достапноста на добавувачот.
Потпишани се договори со Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ за пулмолози да доаѓаат во Кочани и ќе се прават списоци за контролни прегледи на пациентите во Кочанската болница.
Директорот на Фондот за здравство (ФЗО) Сашо Клековски вчера кажа дека во Општата болница во Кочани, 10 лица беа третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити). Интервенциите ги изведе тим од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно 9 лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје. ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа.
За идните пациенти кои ќе се третираат со оваа метода, д-р Папиќ-Мирчовска кажа дека ќе бидат телефонски информирани за денот и времето кога ќе ја примат во Кочанската болница.
Пациентите кои беа повредени, а сѐуште се во средно школо, ќе бидат посетени од тим од Министерството за образование и наука (МОН) за да се најде решение за одвивање на образовниот процес.
Портпаролката на Владата Марија Митева кажа дека во Кочанската болница „по долги години се оспособува хидрантската мрежа која беше целосно нефункционална, и во тек е поставување на нов противпожарен систем, неопходен елемент за безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал“. Ова е во рамките на тековната реконструкцијата на просторот на физикална медицина во болницата, со вкупна површина од 350 квадратни метри, рокот за завршување на работите е за наредните три до четири недели, рече Митева.
Б. НЕСТОРОСКА