65 ОТСТО ОД ГРАЃАНИТЕ НА ИНТЕРНЕТ БАРААТ ПОДАТОЦИ ЗА СВОЈАТА БОЛЕСТ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    65 ОТСТО ОД ГРАЃАНИТЕ НА ИНТЕРНЕТ БАРААТ ПОДАТОЦИ ЗА СВОЈАТА БОЛЕСТ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕЗа здравствени проблеми 3/5 од населението секогаш се обраќаат на лекарот за совет, додека останатите кај доктор одат само за посериозни здравствени проблеми. (Фото: К. Попов)

    Шеесет и пет отсто од граѓаните во Македонија на Интернет си ги истражуваат своите симптоми за болеста или бараат дополнителни информации за добиената здравствена дијагноза, покажа истражувањето на фармацевтската компанија „Галеника“.

    Понатаму, при изборот на производот најмногу влијае советот од докторот, а потоа на фармацевтот. Сепак, кога се бира лек во аптеката, речиси 4 од лица сметаат дека советите на фармацевтот се важни.

    За здравствени проблеми 3/5 од населението секогаш се обраќаат на лекарот за совет, додека останатите кај доктор одат само за посериозни здравствени проблеми.

    Истражувањето е направено со цел да се види каква е состојбата после, односно поради ковид пандемијата. Собирањето податоци за истражувањето го спроведе ИПСОС во периодот на септември-октомври 2022 во урбани и рурални средини, меѓу населението на возраст од 18-70 години, мажи и жени.

    Според истражувањето, во домашните аптеки на граѓаните во Македонија најчесто се наоѓаат производи кои регуларно може да се издаваат без лекарски рецепт,  80% од испитаниците одговориле дека вообичаено дома ги имаат овој тип на производи, како што се таблети, капсули, масти и гелови за вообичаените тегоби или болести. Видови на лекови кои граѓаните ги имаат во своите домашни аптеки, независно дали спаѓаат во оние кои регуларно се издаваат со рецепт или не, најчести се лековите за настинка, воспалено грло и кашлица (75%), додека 73% се изјасниле дека дома имаат антипиретици за намалување на високата температура, а аналгетици имаат 61% од луѓето. Употребата на производи против алергија покажува глобален раст, а во Македонија домашните аптеки на 47% од населението содржат и антиалергични лекови. Една од состојбите која често се среќава во истражувањето е дијарејата поради што 44% од луѓето дома имаат лекови и препарати за оваа тегоба. Во домашните аптеки кај 37% има и лекови и препарати за обработка на површински рани.

    Фото: ИПСОС

    Главоболките или болките во рбетот и екстремитетите се најчестите акутни проблеми за граѓаните на Македонија. Според истражувањето 85% од испитаниците се пожалиле на овој тип на болки, додека 61% се соочуваат со респираторните инфекции со/и без повисока температура. И тоа 38% се изјасниле дека со респираторни проблеми се соочуваат 1 до 3 пати годишно, а 24% рекле дека состојбата се повторува повеќе од 4 пати годишно. Гастроинтестиналните проблеми се појавуваат во одговорите на 60% од испитаниците, додека алергијата е присутна во анкетите на 36% од испитаниците.

    Дури 2/5 или 40 % од луѓето користат аналгетици на месечно ниво, додека 22% од испитаниците ги користат на неделно ниво. Останатите 38% се изјавиле дека користат ретко или не користат. Многу помал број од испитаници се изјасниле дека посегнуваат по лековите за смирување, и тоа 15% се неделни корисници, а 13% се месечни корисници, додека 1/5 од луѓето имаат лекови за полесно варење. Овие податоци укажуваат на современ начин на живот кој со себе носи стрес и лоши навики во исхраната, кои изискуваат поддршка.

    Од јануари 2020 година 63% од луѓето користеле антибиотици. Во просек луѓето земале 2,6 пакувања антибиотици од почетокот на пандемијата.

    Фото: ИПСОС

    Истражувањето покажува дека нешто повеќе од една третина од луѓето велат дека имаат хронична состојба поради која мораат редовно да користат лекови. И тоа 15% од испитаниците се соочуваат со кардиоваскуларни проблеми, што значи дека болестите на срцето и на крвните садови се најчестото хронично заболување. Алергиите се високо на листата со 7%, главоболките и дијабетес со по 6%, по што следат ревматолошките проблеми со 5%. Испитаниците подеднакво се пожалиле на болестите на штитната жлезда, на ‘рбетниот столб, на органите за варење, на белодробните заболувања, како и стресот и другите психолошки проблеми – по 4%.
    Граѓаните на Македонија со хронични заболувања во просек користат по 3,3 различни лекови за лекување на хронични состојби.

    Фото: ИПСОС

    Речиси 2/3 или 61% од испитаниците се изјасниле дека конзумираат намирници и состојки за кои сметаат дека се корисни за нивниот имунитет. Физичката активност е вториот приоритет за одржување на здравјето, односно 55% од испитаниците се изјасниле дека одат на редовни прошетки или рекреативно спортуваат. Од додатоците за зајакнување на имунитетот граѓаните преферираат или суплементи со витамини и минерали или препарати посебно наменети за подигање на имунитет – 48%.

    Минералите и витамините вообичаено се користат сезонски, односно кога луѓето сметаат дека им е потребна заштита, а најголем број испитаници претпочитаат поединечни витамини и минерали.
    Луѓето во просек земаат најчесто околу 3 производи на минерали и витамини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира