ДЕЦА СЕ 70 ОТСТО ОД ОТКРИЕНИТЕ ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ГИ МАМАТ ПРЕКУ ТЕХНОЛОГИЈАТА, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    ДЕЦА СЕ 70 ОТСТО ОД ОТКРИЕНИТЕ ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ГИ МАМАТ ПРЕКУ ТЕХНОЛОГИЈАТА, ВЕЛИ УНИЦЕФПросечната возраст на децата-жртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација, и сексуална и трудова. (Фото: К. Попов)

    Седумдесет отсто од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе во Македонија се деца, а оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца, соопшти УНИЦЕФ во чест на Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе.

    Просечната возраст на децата-жртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова.

    „И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70 отсто од жртвите во Северна Македонија.

    Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера. Трговците со луѓе во светот го искористија технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори“, вели УНИЦЕФ.

    Организацијата има повеќе препораки до властите како на пример: да се зголемат инвестициите во службите за детска заштита, да се зајакнат капацитетите за откривање и заштита на децата-жртви на трговија со луѓе, како и да се зголемат капацитетите за децата да добијат пристап до правда, а сторителите кривично да се гонат.

    „Отсуството на долгорочна помош и рехабилитација, како и преголемата зависност од сместување на децата во неадекватни шелтер-центри го зголемува ризикот од натамошна трауматизација и ревиктимизација. Итно се потребни подобри механизми за идентификација и одржливи решенија за ранливите деца, како и дополнителни инвестиции со кои ќе се гарантира дека системот за детска заштита нуди соодветно старателство и други алтернативни форми на згрижување.

    Потребни се инвестиции за спроведување на постоечките закони, каде што спаѓаат и постапките за истрага, складирање и зачувување на електронските докази. Ова налага континуирани инвестиции во градење капацитети на обвинителите, обвинителските одделенија, судството, специјалните полициски единици и другите релевантни стручни лица и практичари кои треба да се справат со новите предизвици што технологијата ги носи во експлоатацијата и злоупотребата на деца“, вели УНИЦЕФ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира